Министерката за образование и наука Мола Царовска, заедно со градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска го посетија СОТУ „Ѓорѓи Наумов“, каде во изминатиот период е многу вложено во реконструктивните зафати, но исто така воведени се и новитети во образовниот процес, со што е зголемен и бројот на ученици во училиштето.
„Само во основните училишта од буџетот на општината вложивме над 420.000 евра оваа година. Во средните училишта за реконструкција вложивме над 840.000 евра само оваа година. Конкретно во Техничкото училиште во сите активности преземени во изминатиот период, вложени се над 400.000 евра, од кои над 270.000 се директни средства од буџетот на Општина Битола. Ценам дека ова само потврдува и покажува дека во образовните институции имаме далеку, далеку поинаква, подобра и покомотна состојба и подобра кондиција од се она што се случувало во изминатиот период пред јас да дојдам како градоначалник. Нема подобар начин за одржувањето на една нација и држава од влогот во образованието. Покажавме дека тоа умееме да го направиме, на вистинскиот, на правиот начин и да дадеме перспектива за нашите генерации“, рече градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.
Директорот на техничкото училиште Владимир Роме, ја најави и следната голема инвестиција, со која училиштето ќе добие нова фасада.
„Министерката Царовска и градоначалничката Петровска се двете личности кои што направија ова училиште да го има овој сјај и рејтинг кој што го имаме. Во изминатите 4 години имаме постојан пораст на ученици, а годинава имаме преку 825 ученици во 10 паралелки во прва година и прв пат тригодишно образование во соработка со МОН, кое го поддржа и стипендира овој вид на образование. Тоа е мотив плус до идните ученици да го одберат ова образование, бидејќи градот и државата има недостиг од занимањата кои што се основни за функционирање на општеството. Општината ни помогна во огромен дел, а она што следува од страна на МОН е нова фасада на училиштето која ќе биде реализирана во 2022 година“, рече директорот на СОТУ „Ѓорѓи Наумов“, Владимир Роме.
Министерката Царовска ги појасни новитетите во однос на дуалното образование и стипендиите кои се наменети за учениците во трет степен на образование.
„Навистина ми е задоволство што по средбата со директорите на училиштата и со градоначалничката имавме можност да утврдиме дека оваа општина пред само неколку години зборуваше за задолжени училишта, во кои што нема просперитет, немаа креди во истите, а денес имаме можност да зборуваме за училишта во кои што се вложува, училишта кои што се реконструирани и во кои што се зголемува бројот на ученици, особено во средните стручни училишта, каде што можноста за понатамошен развој и останување во нашата држава на младите е поизвесна“, посочи министерката Царовска.