СО МАКСИМАЛНА АНГАЖИРАНОСТ СЕ НОРМАЛИЗИРА ЖИВОТОТ ВО  БИТОЛА

СО МАКСИМАЛНА АНГАЖИРАНОСТ СЕ НОРМАЛИЗИРА ЖИВОТОТ ВО БИТОЛА

Се нормализираат условите за превоз и секојдневните активности во Битола. Екипите на КЈП „Нискоградба“ во текот на целата ноќ работеа на терен со чистење на сообраќајниците во градот. По престанокот на врнежите од снег во утринските часови, се започна со чистење и на споредните улици во градот. Целосната механизација е ставена на располагање, заедно со подизведувачите кои се ангажирани за чистење во поранешните општини Бистрица и Цапари.

„За прв пат Никосградба имаше и отворена телефонска линија за приоритети, во случај на итни потреби на граѓаните. На располагање беше и фб страницата на Нискоградба. Знаеме дека споредните улици не може да се исчистат наеднаш, бидејќи количините на снег беа преголеми, меѓутоа, на сите граѓани кои не контактираа речиси да им излеговме во пресрет. За разлика од 2011/2012 и 2016/2017 кога беа наврнати исто така големи количини снег, а споредните улици беа речиси воопшто неисчистени, до утринава се исчистени околу 70% од споредните улици, со што им е овозможен пристап до главните улици на жителите од речиси сите населби, со исклучок на населбата Баир, поради тесните улици. Истото ќе продолжи и во наредните денови и за време на викенд, со зголемен број на луѓе. За прв пат, КЈП Нискоградба со целосна механизација и 24 часовна работа на терен, го направи она што ниту една претходна гарнитура не го направила во вакви временски услови во Битола. Земете во предвид дека се посипаа многу поголеми количини сол и ризла отколку во тогашните години, но тие не делуваат после -7 степени “, рече директорот Методи Сиљановски.

Проодни се патиштата до сите околни села, вклучувајќи и и планинските, со исклучок на Древеник, каде утринава со помош на механизација од РЕК Битола и Македонија пат, се пробиваше патот и до ова село. ЈП „Комуналец“ ги средува тротоарите, патеките и приодите до институциите, а за нив најбитно е да се ослободи пристапот до контејнерите за смет.

„Ние го подигаме редовно сметот со исклучок на непристапните места, како што е населбата Баир, но деновиве и таму се расчистуваат улиците и апелираме на трпеливост до граѓаните“ посочи директорот на ЈП „Комуналец“ Панде Богоевски.

Во текот на денот се работи на осум пријавени оштетувања на водоводната мрежа и околу 35 пријави за пукнати водомери во градот од страна на ЈКП „Водовод“,

„Со ниските температури и обилните врнежи „Водовод“ е исто така на терен. Покрај помошта која им ја даваме на останатите јавни претпријатија „Нискоградба“ и „Комуналец“, работиме на отстранување на дефектите. Пукањата на саатовите продолжуваат, а се очекува нивниот борј да се зголемува со затоплувањето. Упатувам апел до граѓаните да ги пријавуваат дефектите навремено на дежурниот број кој работи 24 часа за да можеме да реагираме навремено. Потрошувачката на вода и натаму е зголемена“, истакна директорот на ЈП „Водовод“, Горан Козаров.

Пристапите до двата пазари во градот се исчистени, со цел граѓаните да можат редовно да ги задоволат своите потреби во однос на снабдувањето со потребните намирници.

„Градскиот и реонскиот пазар во Битола се комплетно исчистени од нашите екипи со цел и продавачите и купувачите да имаат пристап до тезгите. Снегот се чисти, но и се собира, така што слободно граѓаните можат да ги посетат пазарите“, рече директорот на ЈП „Пазари“, Владе Атанасовски.

Во текот на утрешниот ден и во недела, покрај расчистувањето на снегот од коловозите и тротоарите, најавено е масовно остранување на куповите од снег кои ќе се фрлаат во реката Драгор. На Широк Сокак веќе големите купови од исчистен снег комплетно се отстрануваат, а истото ќе продолжи во Старата чаршија и во останатите улици во текот на викендот. Екипите на сите јавни претпријатија остануваат на терен и во наредните денови.

Општина Битола е во постојана координација со сите јавни претпријатија, како и со канцеларијата на Дирекцијата за заштита и спасување, со цел што побргу целосно да се нормализира состојбата во градот и околните села.