СВЕЧЕНО ЗАТВОРАЊЕ НА 53 ИЗДАНИЕ НА ФЕСТИВАЛОТ „ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ“
Бројни настани го исполнија и последниот ден од 53 издание на Републичкиот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“, кој како значајна традиционална манифестација и годинава е дел од програмата на Битолското културно лето БИТ ФЕСТ.
Вчерашниот ден започна со прием организиран од градоначалникот Тони Коњановски на фестивалските гости, a продолжи со фолклорна разгледница и презентации на интернационалните ансамбли на Широк сокак.
НУ Центар за култура, како домаќин и организатор на фестивалот „Илинденски денови“, додели специјално признание на КУД „Илинден“ од Битола за фестивалската изведба на музичко сценскиот перформанс „120 години Илинденско востание“.
Жири комисијата за најуспешна група која презентираше традиционална музика и игра ги прогласи KУД „Весели пензионери“ од Пробиштип, за најуспешна група која на фестивалот во Битола презентираше староградска музика ја прогласи ВИА „Распеани струмичани“, за најуспешен инструментален состав награда доби оркестарот на КУД „8-ми Октомври“ од Крива Паланка, а наградени беа и Теодор Груевски, инструменталист на гајда од АФ „Гоце Делчев“-Битола, додека КУД „Русалии“ од Секирник беше прогласен за ансамбл со најдобра, најкомплетна, изворна носија.
Центарот за култура од Битола, посебна благодарница му додели на Енрих Мердиќ од Хрватска, воедно претседател на јужноевропскиот сектор на ЦИОФФ, кој за време на фестивалот во Битола одржа стручно предавање за учесниците на Семинарот за традиционална музика и игра.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, им се заблагодари на организаторите, учесниците и гостите на фестивалот, нагласувајќи дека, оваа година, негувајќи го традиционалното, Битола со „Илинденски денови“, направи одличен спој со современото:
„За ваквиот успех, сакам да им се заблагодарам пред се на организаторите – Центарот за култура, но и на сите соработници, учесници и гости, кои вложувајќи го својот ентузијазам, креативно ги раздвижија сите сцени на кои блесна прекрасна игра и прозвучи звукот на традицијата.
Најдобриот начин да се празнува е токму преку културно – уметничкиот израз кој поврзува и одржува.
Тоа уште еднаш потврдува дека со гордост, како Македонци и како Битолчани, ги продолжуваме традициите на нашите претци, пренесувајќи им порака на младите генерации за нивната обврска, да продолжат да го почитуваат делото на носителите на двата Илиндена и сите оние кои ги дадоа своите животи за денешната слобода, во која само низ културно издигнување можеме да продолжиме да го трасираме патот на напредокот“, рече градоначалникот Коњановски во своето обраќање пред многубројната публика.