СВЕЧЕНО ЗАТВОРАЊЕ НА 23 ИЗДАНИЕ НА ФЕСТИВАЛОТ НА МОНОДРАМА

СВЕЧЕНО ЗАТВОРАЊЕ НА 23 ИЗДАНИЕ НА ФЕСТИВАЛОТ НА МОНОДРАМА

Со доделување на наградите, вечерва заврши 23 издание на Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола.

Гран при на фестивалот доби монодрамата “Едит Пјаф“, на театар „Годо“ од Букурешт, Романија, драматизација на „Тркало на среќата“ од Едит Пјаф и „Едит Пјаф“ од Симон Берто, на режисерката и актерка Дениза Абабеи.

Наградата за најдобро актерско остварување ја доби Каролин Брнс Кук од Велика Британија за улогата во претставата „А јажето сè уште ѝ е врзано околу стапалата“, по текст на Каролин Брнс Кук, во режија на Колин Ваткис.

Награда за најдобра режија доби режисерот Иван Лео Лемо за претставата „Вла Вла Влавајланд“, продукција на Театар „Морузгва“, Загреб, Р. Хрватска, во изведба на Еција Ојданиќ.

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, ја додели наградата од публиката, која годинава ѝ припадна на монодрамата “Помеѓу” на авторот и актер Ибрахим Миари.

Во своето обраќање, Градоначалникот Коњановски, испрати честитки до добитниците на наградите и потсети на големината и значењето на културните настани кои се одржуваат во Битола:

„Вечерва, зад нас оставаме една седмица исполнета со богата театарска игра на актери од 11 земји од светот кои преку 13 одиграни монодрами, говорејќи на јазикот на уметноста, успеаа да предизвикаат голем интерес кај квалитетната театарска публика. Преку сериозна и квалитетна уметничка продукција, единствениот театарски фестивал во државата од жанрот монодрама, во Битола, од година во година, создава се посилна, магична енергија на посебност, специфичност, но истовремено и голем предизвик за нова посветеност.

Сакам да им се заблагодарам на сите учесници на фестивалот, на организаторот – Центарот за култура од Битола, на селекторот на фестивалот, на стручното жири и на сите останати кои изминатите 7 дена, несебично ја вложија својата креативна енергија, се со цел, Битола да биде горда на уште едно успешно издание на Интернационалниот фестивал на монодрама кое годинава се одржа по 23 пат.

Тоа уште еднаш потврдува дека Битола е град со големо културно наследство, но и силни културни вредности, кои низ различни форми и содржини, ја слават и негуваат културата и уметноста, во текот на целата година.

За нас, како локална самоуправа, од особена важност е да дадеме поддршка на квалитетот, да го поддржиме културниот напредок и во овие тешки времиња, сите заедно преку уметничките форми на изразување, со бројните наши битолски, но интернационални фестивали, да придонесеме уметноста од светот, да дојде во Битола, а за нашата Битола да се слуша и раскажува во светски рамки.

Честитки до добитниците на наградите и голема благодарност до сите учесници на фестивалот“, истакна во своето обраќање градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Во чест на победниците, гостуваше Драмски театар од Скопје со претставата „СТРАНЦИ“.