РЕКОНСТРУКЦИЈА НА 23 УЛИЦИ, ПОДГОТОВКА НА ПРОЕКТНА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА НОВИ ИНФРАСТРУКТУРНИ ПРОЕКТИ, ИНВЕСТИЦИИ ВО ЕКОНОМСКИОТ РАЗВОЈ И ЖИВОТНАТА СРЕДИНА СЕ ДЕЛ ОД ПРОЕКТИТЕ КОИ ЌЕ ГИ РЕАЛИЗИРА ОПШТИНАТА ВО 2022 ГОДИНА

РЕКОНСТРУКЦИЈА НА 23 УЛИЦИ, ПОДГОТОВКА НА ПРОЕКТНА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА НОВИ ИНФРАСТРУКТУРНИ ПРОЕКТИ, ИНВЕСТИЦИИ ВО ЕКОНОМСКИОТ РАЗВОЈ И ЖИВОТНАТА СРЕДИНА СЕ ДЕЛ ОД ПРОЕКТИТЕ КОИ ЌЕ ГИ РЕАЛИЗИРА ОПШТИНАТА ВО 2022 ГОДИНА

На денешната седница на Советот на Општина Битола, согласно дневниот ред, пред советниците се Програмите за работа на јавните претпријатија и Програмите на општинските сектори и одделенија.
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, во своето обраќање до советниците, стави акцент на главните приоритети кои согласно програмите, предвидено е да се реализираат во 2022 година.
Интегрален текст од обраќањето на Градоначалникот Тони Коњановски:
Почитувана Претседателке на Советот,
Почитувани советници,
Почитувани претставници на медиумите,
На денешната седница на Совет, пред нас се плановите и програмите врз основа на кои треба да работиме во следните 365 дена, да ги реализираме барањата на граѓаните, да работиме на нови проекти и да решиме колку е можно повеќе од проблемите кои не загрижуваат сите нас, независно дали сме власт или опозиција.
Со усвојувањето и спроведувањето на општинските програми и програмите на јавните претпријатија, убеден сум дека значително ќе ја подобриме состојбата во општината во сите области, пред се преку постигнување на висок процент на реализација.
Во годишните програми, кои денес се пред Вас почитувани советници, а кои претходно имавте можност да ги разгледувате на соодветните комисии и врз основа на нив да доставувате предлози, предвидуваме нови проекти во делот на економскиот развој, животната средина, туризмот, спортот и културата, но и континуитет и нови проекти во програмата за комунални дејности и уредување на градежно земјиште.
Зошто континуитет?
Како советници, дел од претходниот состав на општинскиот совет, активно ја следевме работата на претходното раководство, при што констатиравме дека нема втора шанса за прв впечаток. Затоа, нема да ги повторуваме грешките на претходната локална самоуправа и континуитетот ќе биде значајна карика, принцип и премиса.
Најпрво во овој поглед сакам да истакнам дека во изминатите 45 дена ги завршивме неколку проекти, односно асфалтиран е патот за Трново – Магарево, улиците Ари Ангелевски, Кленовец, како и делови од улиците Даме Груев, Солунска и Довлеџик, а продолжуваат активностите на улица Цане Василев.
Следејќи го принципот на континуитет во изборната програма, а денес и во конкретната општинска програма за уредување на градежно земјиште предвидовме изградба, реконструкција и рехабилитација на 23 улици: Булевар 1 ви Мај, Солунска, Христо Узунов, Наум Наумовски Борче, 7 ми јули, дел од улица Крушевска Република во АРМ, улица Стара чешма, улица 16 та, улица Ѓорги Димитров, улица АСНОМ, улица Македонска фаланга, улица 28 ма, улица Вера Циривири Трена, улица Брегалница, улица Штипска, улица Христо Узунов, улица Бранислав Нушиќ, улица Струшка, улица Сутјеска, улична мрежа низ село Логоварди, локалните патишта за селата Дихово, Буково, Брусник кои планираме во целост да ги завршиме до крајот на следната година.
Со оваа програма за реализација предвидени се и други инфраструктурни проекти во повеќе рурални места, а согласно состојбата која ја затекнавме веднаш по доаѓањето како локална самоуправа, предвидуваме и 300.000 денари за изработка на Студија за утврдување на состојбата на седум челични мостови на р. Драгор, со цел да не не изненадат други ситуации, слични на онаа со Мостот кај Безистенот.
Со програмата за комунални дејности и уредување на градежно земјиште, планираме изградба и уредување на Нов парк во Нова Битола, содржина која е повеќе од потребна во тој дел од градот, но и средства за обнова на Планинарскиот дом Копанки, кој конечно после 9 години ќе се врати во функција, а нема да биде само тема за политички препукувања и мудрувања.
Неколкупати претходно споменав дека, економскиот развој е наш приоритет. Битола мора да има нови инвестиции и нови работни места, а за тоа локалната самоуправа мора да создаде услови.
Согласно ваквата заложба, во програмата за економски развој предвидуваме неколку важни проекти: изработка на стратегија за локален развој која општината ја нема од 2018 година, подготовка на проектна документација за улиците кои ќе можат да се реконструираат најдоцна во 2023 година, меѓу кои ќе ги издвојам: дел од улица Партизанска, улиците Драгорска, Зборска, Браќа Џаферови, Стив Наумов, Дебарска, Мукос, Христо Ботев, улици во населба Недопирливи, Буковски ливади, улицата покрај Светонеделските гробишта и други улици во урбаниот дел, како и подготовка на проектна документација за улици во селата Барешани, Егри, Лажец, Оптичари, Долно Оризари и на други места.
Дел од програмата за економски развој се и двата капитални проекти кои ќе бидат реализирани од оваа локална самоуправа – новата зграда за противпожарна заштита и спортскиот комплекс. За подготовка на проектната документација за Зграда за противпожарна единица во АРМ, издвојуваме 3.000.000 денари, а за спортски комплекс во АРМ 4.400.000 денари.
Значајно место во програмата за економски развој зафаќаат проектот за влезот во Битола, од страната на Скопје, проект кој мора да се реализира и е потреба на градот, како и реконструкција на инфраструктурата во старата индустриска зона, како и изготвување на проектот за греење во спортската сала Младост, проблем кој се провлекува со години без да се преземат конкретни мерки.
Вкупната програма за економски развој изнесува 48.128.224,00 денари.
Согласно годишната програма за финансирање на изработка на урбанистички планови на подрачјето на општина Битола за 2022 година, планираме ИЗРАБОТКА НА ГЕНЕРАЛЕН УРБАНИСТИЧКИ ПЛАН (ГУП) ЗА ГРАД БИТОЛА со површина на плански опфат од приближно 2500 ха.
Кај програмата за животна средина, имаме зголемување на средствата за околу 6.000.000 денари, предвидени за реализација на мерките и активностите кои се насочени кон заштита и унапредување на животната средина.
За таа цел, предвидуваме Изработка на Зелен Катастар, Изработка на ЛЕАП, Ажурирање на Катастар на загадувачи, Набавка на вендинг машини, како и субвенционирање по повеќе основи и тоа: Субвенционирање за набавка на велосипеди, Субвенционирање на чистење на оџаци, Субвенционирање на колективни згради за поставување на енергетски ефикасни фасади и уредување на дворните места.
Во делот на капитални инвестиции од оваа програма е и Набавка на опрема за видео наздор на јавни површини.
Дигитализацијата на услугите е уште еден приоритет со кој ќе овозможиме значително олеснување на услугите за граѓаните и дополнителни можности за поголема ефективност и ефикасност на општинската администрација. Во овој контекст, планираме воведување на систем за управување со документација (ДМС), геоинформациски систем (ГИС) и можност за електронско плаќање на граѓаните за услугите кои ги дава општината.
Со 14.700.000 денари, преку програмата за култура, предвидуваме поддршка на традиционалните културни манифестации, но и поддршка на нови настани, културни уметници и други творци кои ќе придонесат за развој на културата и натпреварувачкиот дух во нашата општина.
Програмата за активности во областа на спортот и младите во Oпштина Битола е со вкупна вредност од 37.100.000.00 денари од општина Битола, a активностите кои што се предвидени во неа се одделени во пет основни ставки: Поддршка и унапредување на спортот, спортските клубови/здруженија и индивидуални спортисти кои егзистираат на подрачјето на Општина Битола, Поддршка и развој на училишен спорт со реализирање на спортски активности и систем на натпревари на учениците, Поддршка на рекреативни активности на граѓаните и рекреативни активности на лица со посебни потреби. Поддршка на традиционални манифестации, хуманитарни манифестации и манифестации од особен интерес на општина Битола и Поддршка на дополнителни програми и проекти на останати спортски организации и спортски друштва кои се од интерес на Општина Битола.
Преку програмата за социјална заштита, предвидени се повеќе проекти кои ќе овозможат задоволување на дел од потребите на социјално загрозените лица, лицата со попреченост, децата без родителска грижа, старите лица, инклузија на ромските деца, семејствата настрадани од елементарни непогоди. Исто така, преку оваа програма ќе работиме и на зголемување на капацитетите за згрижување на деца до предучилчишна возраст во Детските градинки во Битола.
Програмата за активности од областа на еднаквите можности на жените и мажите во Општина Битола за 2022 година, има за цел да ја промовира и унапреди родовата еднаквост согласно Законот за еднакви можности на жените и мажите со кој се забранува и казнува секаков вид дискриминација врз основа на пол во јавниот и приватниот сектор во областа на вработувањето и трудот, образованието, социјалната сигурност, културата, спортот, односно во сите сфери на човековото живеење.
Воедно, со Програмата е предвидено организирање на различни активности кои се од големо значење за граѓаните и за општината со цел да се промовира и унапреди родовата еднаквост, граѓаните да се информираат и едуцираат за своите права и за тоа како да реагираат доколку се дискриминирани по основ на пол и други основи.

Со усвојувањето на предлог програмите за 2022 година, создаваме добра почетна позиција за реализација на повеќе проекти кои се во интерес на граѓаните и потребни за понатамошниот развој на Општина Битола, проекти со кои ќе создадеме заедничка иднина!

Почитувани, битолчани заслужуваат поубава Битола, ветувам дека тоа и ќе го направиме!

Доколку имате дополнителни прашања, тука сум да одговорам.

Ви благодарам!