Општина Битола, започна со инфраструктурни активности на улицата Климент Охридски. Градоначалничката на Општина Битола, денес изврши увид на активностите и ја информираше јавноста за динамиката со која истите ќе се реализираат:
„Се наоѓаме на улицата Климент Охридски, каде што започнуваме со инфраструктурни зафати од делот кај семафорите пред музејот, до семафорите кај улицата Солунска. Она што ќе биде опфатено при инфраструктурното уредување на овој дел од улицата, ќе биде водовод, канализација и коловоз, во висина од 10 000 000 денари. Останатиот дел, кој се однесува на оваа улица, нема да го третираме во овој период, затоа што имаме следен период, во кој што ќе следува пречистителната станица и бидејќи во тој, погорниот дел имаме преклопување, затоа тој дел ќе го оставиме за наредниот период. Но овој потег, ќе биде среден оваа есен“, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.
Реконструкцијата на канализационата мрежа на улицата Климент Охридски, ќе ја изврши КЈП Нискоградба.
„Согласно програмата на Општина Битола, ќе извршиме реконструкција на канализационата мрежа на ул. Климент Охридски, од Партизанска до Солунска, додека дел од Солунска до Леринска ќе биде опфатен со пречистителната станица, каде што ќе имаме корекции во основниот проект, во однос на дијаметарот на канализационата цевка“, изјави Менде Силјановски, директор на КЈП Нискоградба, Битола.
На истиот потег, ЈП Водовод ќе постави комплетна водоводна инфраструктура со сите потребните приклучоци.