Изградено во 1956 година, основното училиште „Д-р Трифун Пановски“, 63 години ги дочекува и испраќа учениците во истата спортска сала, без најмала инвестиција во неа, од изградбата до денес. Родителите на учениците кои се школуваат во ова училиште, раскажуваат дека со години ги паметат истите услови од периодот кога тие се школувале, со единствената разлика дека од година во година, спортувањето во оваа спортска сала, станува се поотежнато. Тоа го потврдуваат и наставници по физичко и здравствено образование, кои со огромна грижа за влијанието на просторните услови врз здравјето на учениците, ја реализираат наставната програма која треба да има бенефиот за физичкиот развој на децата.
Од пред два дена, со инвестиција на Општина Битола од 906 000 денари, започнува комплетната промена на условите во спортската сала во ОУ „Д-р Трифун Пановски, која е првата училишна спортска сала, изградена во битолските училишта.
Со градежните активности кои се во тек, ќе се изврши комплетна промена на таванот во салата, ќе биде поставен паркет, ќе се реконструираат ѕидовите, ќе бидат направени нови соблекувални, а комплетно ќе биде променета и состојбата во ходниците каде ќе бидат поставени плочки, а просторните услови ќе добијат целосно променет лик и услови адекватни за учениците.
Градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска и дирекоторот на училиштето, Пеце Димовски, денес ги посетија изведувачите на градежните активности во спортската сала, притоа разговарајќи за динамиката со која се одвиваат работите.
За среќа на околу 300 ученици кои ја користат спортската сала во ова училиште, но и на голема радост и на наставниците кои држат часови во овој простор, за многу кратко време, досегашната слика на запуштеност и неуреденост, комплетно ќе биде променета.