Денес во месната зедница “Димитар Влахов”, во населба Баир, во присуство на Амбасадорката на Швајцарија Н.Е Сибил Зутер Техада, Преда плус Фондација ги презентираше резултатите од истражувањeто на ромската заедница во населба Баир во општина Битола, спороведено во склоп на проектот “Сензибилизација и мапирање на домувањето за Роми ”, финансиски поддржан од Швајцарска агенција за развој и соработка (SDC).
Иницијативата УРБАН БАИР преку реализација на планираните проектни активности, во краток период од 8 месеци изгради комуникација меѓу локалните власти, јавните претпријатија и населението во Баир и креира инклузивна и поддржувачка атмосфера за решавање на урбанистичките предизвици и стимулирање на позитивни социјални промени.
Во периодот јуни-јули 2020 година на територијата на општина Битола во населбата Баир беше спроведено теренско истражување преку кое се реализираа вкупно 867 анкетни прашалници. Собраните податоци дополнително се анализирани, инерпретирани и претставени во посебна студија “Мапирање за социјално вклучување на ромската заедница во населбата Баир во општина Битола” презентирана денес пред претставниците на општина Битола, јавните претпријатија и претставници од ромската зедница во општина Битола.
Информациите од студијата имаат за цел да им помогнат на локалните власти да развијат ефективни одржливи урбанистички планови и да дефинираат прилагодени и ефективни политики за урбанистичко планирање и социјална инклузија засновани врз реалните потреби на граѓаните. Ова е првпат после повеќе од две децении локалната самоуправа да покаже слух за решавање на проблемите на ромската заедница. Во овој контекст, Градоначалничката Петровска, претставувајќи ја состојбата на терен во населбата Баир, нагласи дека, проблемите во однос на урбанизацијата на населбата се многубројни и тоа е процес кој ќе се одвива подолг период, поради што е потребна вклученост и соработка на локалната и централната власт, но и активна вклученост и соработка од страна на ромското население. Сепак, овој проект претставува прв чекор напред кон преземање на активности за решавање на урбаното и социјалното вклучување на ромската заедница во општина Битола.
Во склоп на проектот, во соработка со општина Битола беа преземени низа инфраструктурни активности за реновирање на месната заедница и просторот околу месната зедница, како и активности за подобрување на животниот простор во населбата кои дирекно ги влучија граѓаните од населбата. Преку креираната Служба за координација на помош во населба Баир, доделени беа вкупно 160 хуманитарни пакети на ромски семејства во оваа населба.