ПРОМЕНИТЕ ВО БИТОЛА СЕ РЕАЛИЗИРААТ ВО СОРАБОТКА СО ГРАЃАНИТЕ -РАБОТНА СРЕДБА НА ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ КОЊАНОВСКИ И МУЦУНСКИ

ПРОМЕНИТЕ ВО БИТОЛА СЕ РЕАЛИЗИРААТ ВО СОРАБОТКА СО ГРАЃАНИТЕ -РАБОТНА СРЕДБА НА ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ КОЊАНОВСКИ И МУЦУНСКИ

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски, денес во Битола имаа работен состанок на кој разговараа за промените во општините со кои раководат, како и за предизвиците со кои се соочуваат. Градоначалникот Коњановски, својот колега Муцунски го информираше за динамиката со која се одвиваат градежните активности во општина Битола, каде оваа година се работи на реконструкција на 13 улици, започната е изградба и хортикултурно уредување на нови паркови, а истовремено се работи и на економско заживување на општината и привлекување нови инвестиции.

„Во делот на економскиот развој, каде евидентно во изминатиот четиригодишен период имавме нефункционално и оптоварено со долгови јавно претпријатие, сега веќе се менуваат работите на подобро. Јавното претпријатие „Жабени“, почнува да функционира, а Општина Битола објави јавен оглас за отуѓување на градежно земјиште за 16 парцели во Индустриската зона „Жабени“. Ова очекувам да резултира со нови инвестиции во зоната и отворање на нови работни места за битолчани.

Преку ова претпријатие работиме и на решавање на најголемиот проблем кој го оптоварува општинскиот буџет, цената на електричната енергија, а за кој како општини сме оставени сами на себе, без поддршка од централната власт. Само за споредба, месечната сума која во моментот ја плаќа општина Битола за електрична енергија е приближно колку потребната сума за реконструкција на две улици во Битола. Токму затоа, секое алтернативно решение на овој проблем, за нас ќе значи можност за нови инвестициии во подобрувањето на патната инфраструктура“, рече меѓудругото во изјавата за медиуми , градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Градоначалникот Муцунски, нагласи дека и покрај предизвиците со кои се соочуваат, општините кратат од непродуктивните трошоци и применуваат развоен модел, кој пак подразбира реализација на капитални инвестиции во насока на интересите на локалната заедница, за жал без поддршка од централната власт.

„Задоволство е да се биде денес во Битола, град со значајна историја за нашата држава, но и град кој што има динамична општинска администрација, предводена од градоначалникот Тони Коњановски, кој што го реализира тоа што го вети во текот на кампањата, која заврши пред 6 месеци. Градоначалникот тоа го спомна, сите градоначалници имаат сериозни предизвици поврзани со цената на електричната енергија и другите расходи кои се појавуваат, како резултат на глобалната економска и финансиска криза, истовремено, не само што нема поддршка од Владата, туку сме сведоци на постојано намалување на буџетските трансфери, којшто следуваат на општините, посебно поврзани со образованието и градинките, но сепак се реализира тоа што се ветило. Разликата е дека, чесно се управува со општините и се работи наменски да се реализираат капиталните инвестиции којшто се ветени. Задоволство е да се види развојот на којшто сведочиме во градот Битола, тоа што го слушаме и од граѓаните е дека конечно Битола има градоначалник, којшто постојано комуницира со граѓаните, има отворен слух за нивните проблеми и во таа насока, верувам дека во следните 3 и пол години, Битола ќе го добие заслуженото внимание, изјави градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски.

Градоначалниците Коњановски и Муцунски, извршија увид на улицата „Македонска фаланга“, каде во тек се реконструктивни активности. По завршувањето на работниот состанок, двајцата градоначалници во спортската сала „Боро Чурлевски“, го следеа кошаркарскиот натпревар помеѓу КК Пелистер од Битола и КК МЗТ од Скопје, секој со поддршка за својот тим.