Членови на Друштвото за толеранција со седиште во Бачка Паланка, Република Србија, во рамките на форумот „Мост на пријателство“, денес ја посетија Општина Битола и остварија средба со градоначалничката Наташа Петровска, со што ја заокружија седумдневната посета на Битола.
„Беше вистинско задоволство во моите работни простории да ме посетат деца од Германија, Босна и Херцеговина, Србија и нашите деца, како домаќини. Особено што тие деца промовираа мир, толеранција и зближување на народите пред се во средините во кои што живеат, а потоа и на глобално ниво. Младите членови на Друштвото за толеранција истакнаа дека се обидуваат преку нивните активности да создадат масовно движење меѓу граѓаните за промовирање на мирот, а со тоа да му дадат блесок на самиот начин на живот, насекаде низ Балканот“, рече градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.
Сите активности на Друштвото за толеранција од Бачка Паланка, Република Србија, се одвиваат во рамките на форумот „Мост на пријателство“, чија крајна цел е изградба на пријателство и мир помеѓу младите и покрај сите можни различности на било кое поле. По посетата на Битола, денес продолжуваат за Охрид, во насока на реализација на нивната програма за ширење на мир и пријателство помеѓу луѓето, со акцент на младата популација.