Во салата на Советот на општина Битола, се одржа јавна расправа и презентација на Планот за квалитетот на воздухот за Битола, во присуство на претставници од министерството за животна средина, Центарот за климатски промени, претставници на Технолаб, претседателката и советници од Советот на општина Битола, претставници на јавните претпријатија, бизнис секторот, високо образовните институции и невладиниот сектор.
Во изминатиот период, од страна на Центарот за климатски промени во рамките на проектот „Развивање и имплементација на здравствен индекс за аерозагадувањето во прекуграничниот регион“, беше изработен нацрт план за квалитетот на воздухот во Битола, кој денес беше тема на дискусија.
Во своето обраќање пред присутнуте, градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски истакна дека во делот на надлежностите на локалната самоуправа, веќе се спроведени дел од мерките и активностите за заштита и подобрување на квалитетот на воздухот, а дел се во фаза на изготвување на соодветни програми.
„Мерките кои се спроведуваат се однесуваат на Субвенции за набавка на велосипеди, субвенционирање на колективни згради за поставување на енергетски ефикасни фасади и уредување на јавни површини, подготовка на зелен катастар, подготовка на локален еколошки акционен план, редовен инспекциски надзор, односно за одделението за животна средина годинава за реализација на овие проекти се предвидени 8 милиони денари.
Преку одделението за економски развој се издвоени средства за програма за енергетска ефикасност, подготовка на проекти за зголемување на енергетската ефикасност на објекти и други активности.
Тука се и средствата за подобрување на животната средина, од областа на пречистителните станици и канализационите системи, од Одделението за комунални дејности, каде преку програма за фосилни горива од Министерство за животна средина се предвидени 13.000.000 денари, за изградба на нови канализациони системи 16.688.487 денари, за реконструкција над 26.000.000 денари, или поточно 26.436.368 денари и преку развојната програма 7.293.676 денари.
Се очекува час поскоро од страна на Министерството за финансии да биде објавен јавниот повик за изградба на новата пречистителна станица, за која општина Битола ја подготви комплетната проектна документација, вклучувајќи соодветна експропријација“, рече Коњановски.
За содржината на планот и мерките кои треба да се имплементираат во наредниот период, од суштинско значење е вклучувањето на јавноста и сите релевантни субјекти со свои мислења и сугестии, со цел ефикасно спроведување на предвидените мерки.
По денешните предлози од страна на присутните на јавната расправа, конечниот документ ќе биде соодветно прилагоден, согласно извршените анализи и констатираните состојби, по што треба да биде донесен и од страна на Советот на општина Битола.