ПРЕВЗЕМЕНИ МЕРКИ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА КВАЛИТЕТОТ НА ВОЗДУХОТ

ПРЕВЗЕМЕНИ МЕРКИ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА КВАЛИТЕТОТ НА ВОЗДУХОТ

Општина Битола денес од 12 часот започна со третирање на градските сообраќајници со калциум магнезиум ацетат, како една од мерките за намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух.
„ Денес започнавме со една акција, која е и прво искуство за нас, со ЈКП „ Комуналец “ адаптиравме едно возило кое што е оспособено да прави прскање, кое што нанесува емулзија од калциум магнезиум ацетат, која што емулзија хемиски е прилагодена да ги привлекува ПМ10 и ПМ2,5 честичките. За нанесување на таа емулзија треба посебни услови така да денес денот е погоден за тоа и ќе се направи една обиколка со прскање по улиците „ Партизанска “, „ Васко Каранѓелевски “, „ Булевар 1ви Мај “, „ Филип Втори Македонски “, „ Прилепска “ и ќе видеме каков ќе биде ефектот. Мораме да ги информираме сите возачи во градот да ја намалат брзината на возење, максималната брзината во градот во овој период треба да биде до 40 километри /час, не повеќе затоа што емулзијата е лизгава и треба внимателно да се вози. Тоа е едниот аспект, а другиот аспект е дека идниот период доколку има потреба и доколку се создадат потребните услови ние ќе извршиме и второ прскање.

Исто така да извршиме апел до граѓаните да внимаваат какво гориво користат за загревање на своите домови. Направивме големо истражување, хемискиот состав на честичките кои што загадуваат во Општина Битола покажува дека најголемото загадување покрај атмосферската, климатската состојба, покрај возилата, процентуално најголемото загадување доаѓа од начинот на затоплување на нашите домови, колку ќе бидеме повнимателни толку поубаво ќе живееме.

Во периодот кој следува инспекциите засилено ќе работат. Минатата година на големите објекти задолжително беа чистени оџаците и сега ќе се проверуваат, ќе се контролираат институциите и правните лица со што загреваат, а ќе бидат изрекувани и казни. Така што заеднички треба да направиме нешто повеќе, додека не стигне големиот проект за Битола, тоа е топлификација, но дотогаш ќе бараме начини како можеме да си го олесниме животот кој што се однесува на делот од загадениот воздух во Општина Битола “ изјави градоначалникот на Општина Битола д-р Владимир Талески.
Калциум магнезиум ацетат е средство кое се користи за контрола и намалување на ситната прашина (ПМ10 и ПМ2,5 честичките) и за стабилизација на патиштата. Средството е еколошки производ, биоразградлив, не е штетен за растенијата (погоден е за апликација во близина на паркови и зелени површини), а најважно е што не е корозивен (нема да предизвика оштетување на возилата). Производот е лесен за апликација и целосно е стабилен.

„ Временските предуслови за прскање денес се одлични. Потребно е да нема голема влажност на воздухот, температурата да не биде пониска од – 10 степени. Ние како јавно претпријатие извршивме пренамена на возилото цистерна и модификација на еден дел од каде што се распрскува овој вид на течност. Со количините кои што општината ги набави околу 6 или 7 тона, се надевам дека и во наредни денови кога ќе има погодни временски предуслови за аплицирање со средство ќе продолжиме и понатаму со негово распрскување. Делувањето на средството е еднодневно и се е во зависност од бројот на возила кои што се движат во тој дел од сообраќајницата. Доколку има поголема фреквенција на возила ќе биде потребно да се прска и два пати дневно “ истакна директорот на ЈКП „ Комуналец “ Битола – Зоран Соклевски.

merkizagaduvanje-1 merkizagaduvanje-2