Актуелната состојба со КОВИД-19 во земјава, наложи денешната 53-та седница на Советот на Општина Битола да се одржи по електронски пат, преку апликацијата ZOOM.
На дневен ред се најдоа 10 точки, кои беа усвоени од страна на советниците. Меѓу нив беше изгласана одлука за обезбедување надзор од страна на Општина Битола за реализација на проектот „Реконструкција на кров на детската градинка „Коца Василева“.
Советниците ја усвоија Предлог програмата за измени и дополнување на Програмата за уредување на градежното земјиште на подрачјето на Општина Битола за 2020 година, со што се обезбедени средства за реконструкција на улици во Долно Оризари, со должина од еден километар., како и водоводна и канализациона мрежа околу Офицерскиот дом.
Советниците исто така, изгласаа да биде прифатена донацијата на „Еколог“, од 100 таблети за ученици од материјално необезбедени семејства.