ПО 25 ГОДИНИ, ТЕМЕЛНО СЕ ЧИСТИ КОРИТОТО НА РЕКАТА ШЕМНИЦА ВО ЦРНОБУКИ

ПО 25 ГОДИНИ, ТЕМЕЛНО СЕ ЧИСТИ КОРИТОТО НА РЕКАТА ШЕМНИЦА ВО ЦРНОБУКИ

Во должина од 2700 метри се чисти течението на реката Шемница, во атарот на селото Црнобуки од страна на АД Водостопанство подружница „Битолско Поле“, по договорот склучен со Општина Битола, за темелно отстранување на дрвјата, корењата и отпадот, кој во овој дел не бил исчистен повеќе од 25 години.

Паралелно со овој зафат, на терен се санираат ударните дупки на локалниот пат до селото и улиците во селото, од страна на екипите на КЈП „Нискоградба“ со топла асфалтна маса, на површина од над 120 метри квадратни.

Градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска, го посети селото Црнобуки и се сретна со локалното население. Тие изразија огромна благодарност за чистењето на речното корито, со што се избегнува опасноста од поплави и излевање на водата. Посочија дека со санацијата на патот, исто така им се олеснува секојдневното движење.

Градоначалничката посебно го потенцираше позитивниот ангажман на локалното население, кое самоиницијативно презема низа активности за подобрување на условите во селото, а општината им излегува во пресрет за дополнување на нивните барања.

Заеднички разговараа и за останатите потреби на месното население, по што го посетија и подрачното основно училиште во кое се изведува настава од прво до петто одделение.

По средбата со месното население во Црнобуки, градоначалничката Петровска оствари работна средба со директорката на ОУ „Александар Турунџев“ во село Кукуречани, за да се запознае со тековните активности и евентуални проблеми при изведувањето на наставата, во новонастанатата состојба со КОВИД-19. Директорката Бранка Лазаревска рече дека во ова училиште наставата се одвива без проблеми од првиот ден на тековната учебна година.