ПОЧИНА БЛАГОЈ СТЕФАНОВСКИ-БАГЕ

ПОЧИНА БЛАГОЈ СТЕФАНОВСКИ-БАГЕ

Во текот на вчерашнот ден, почина Благој Стефановски – Баге, поранешен министер за култура, во еден мандат пратеник и долгогодишен директор на Народен театар Битола. Минатата 2019 година, од страна на Општина Битола, му беше доделена 4-то ноемвриската награда за животно дело, при што Стефановски, како добитник на оваа награда, засади и свое дрвце во Алејата на добитниците на наградите за животно дело во Градскиот парк во Битола.

Стефановски е роден 1953 година во Битола. Дипломираше во 1975 година на Факултет за драмски уметности – Скопје, а од 1975 година работи како актер во Народниот театар Битола. Од 1980-2002 работи како актер и директор на Народниот театар во Битола. Во негово време театарот ги бележи своите најголеми успеси и ги добива најпрестижните национални и меѓународни награди. Од 1994 – 1998 беше пратеник во Собранието на Република Северна Македонија и претседател на комисијата за култура, додека од 2002-2006 ја извршуваше функцијата Министер за култура во Владата на Република Северна Македонија. Исто така беше почесен претседател на Мал Драмски Театар – Битола, селектор на фестивалот „Ристо Шишков“ – Струмица и претседател на Управниот одбор на Народниот Театар Битола.

Општина Битола изразува сочувство до семејството на Благој Стефановски.