ПОСТАВЕНИ ДЕЗИНФЕКЦИОНИ РАМПИ НА ВЛЕЗОВИТЕ ВО БИТОЛА

ПОСТАВЕНИ ДЕЗИНФЕКЦИОНИ РАМПИ НА ВЛЕЗОВИТЕ ВО БИТОЛА

Организирано, координирано, согласно оперативниот план и проценките на стручните лица, општинскиот кризен штаб, продолжува со спроведување на превентивни мерки, на подрачјето на Општина Битола, со цел зголемување на степенот на заштита на населението од вирусот Ковид 19. Денес, завршено е поставувањето на дезинфекционите рампи на влезовите во градот и истите се ставени во функција.

„Почитувани, Кризниот штаб на Општина Битола, има свој оперативен план, којшто е доста динамичен, затоа што постојано се менуваат околностите, тие се различни, токму затоа и мерките се различни. Но, она што е најважно и сакам да го нагласам во овој момент е тоа што, без разлика за која мерка и да станувало збор, секоја мерка е проследена со препораки на стручни лица за изведување на истата. Токму денес, имаме и една нова мерка која што значи дезинфекција на сите возила кои што влегуваат во нашиот град, на различен начин од досега, затоа што, околностите нови кои што ги имаме тоа го наложуваат. Во оваа прилика, сакам да се заблагодарам на фирмата „Монтинг инженеринг“ за покажаната општествена одговорност и за изработката на овие рампи, кои што исклучително значат за нашата општина. Она што исто така, сакам да го нагласам, е тоа што било постојана константа по која што се водел кризниот штаб е оптимализација на ефективноста и на ефикасноста на мерките. Но, на крајот, сепак би сакала да нагласам, дека најважната мерка е социјалната дистанца и токму затоа ги замолувам граѓаните да ги почитуваат сите мерки, особено оваа мерка, непотребно да не излегуваат, бидејќи, искуството, скромно, колку и да го имаме во светски рамки за оваа проблематика, сепак, покажува дека социјалната дистанца и намаленото движење, сепак се клучни во оваа работа“, изјави Градоначалничката на Општина Битола, М-р Наташа Петровска.

За поставување на дезинфекционите рампи, изработен е сообраќаен проект за времен режим на сообраќај и поставена е соодветна сообраќајна сигнализација.  Покрај оваа превентивна мерка, продолжува и спроведувањето на масовна дезинфекција, на повеќе локации:

„Нашиот народ не случајно рекол: трпение – спасение, а јас би додал и се во свое време. Тоа значи, дека општинскиот кризен штаб уште од почетокот на оваа состојба ги преземаше сите мерки и активности, во рамките на своите можности и ресурси, да помогне на сите можни начини, во однос на она што значи справување со оваа криза, така што и во овој дел на дезинфекција на возилата, кои што влегуваат во градот, на почеток имавме едно поедноставно решение, затоа што сите ние се подготвувавме со сите свои ресурси и капацитети, за оној таканаречен „пик“ на заразата, така што во овој таканаречен „пик“, го стартуваме и овој систем на дезинфекција, којшто практично од сите страни и од долниот дел на возилата и странично, а и од горниот дел на возилата, врши дезинфекција. Ова е само уште една од мерките кои што ги преземаме постојано и би послужило и како најава на она што значи утрешниот ден, во кој што имаме предвидено акција за дезинфекција на цела територија на Општина Битола, тоа значи: сите коловози, јавни и прометни површини, меѓутоа и влезовите, со влегување внатре, во самите влезови во зградите. ЈП Комуналец, заедно со останатите локални јавни претпријатија „Водовод“, „Нискоградба“, „Пазари“, но и со поддршка и помош на РЕК Битола, „Стрежево“, како и другите институции, постојано е на терен во периодот на полициски час, кога граѓаните остануваат дома и би ги замолил да остануваат дома и понатаму, ние вршиме постојано на сите јавни и прометни површини, таква дезинфекција. Се надевам, дека како и досега, ќе имаме многу соработка со граѓаните, посебно и приватни компании, приватни фирми, индивидуалните земјоделци од руралните средини и тоа како, ни излегуваат во пресрет со својата механизација, со своето време, со свои средства учествуваат во акциите на дезинфекција на градот“, изјави Панде Богоевски, директор на ЈП Комуналец Битола.