Неговата екселенција, амбасадорот Војциех Тицињски, оствари средба со градоначалничката Наташа Петровска, реализирајќи ја првата протоколарна посета на Општина Битола од доаѓањето на функцијата амбасадор на Република Полска во земјава во октомври 2018 година.
Градоначалничката Петровска го запозна амбасадорот Тицињски со генералните карактеристики на Општина Битола од историски, образовен, економски и културен аспект. Таа посочи дека општината има голем потенцијал за туризам, со сите географски карактеристики кои ги нуди градот и околината.
Полскиот амбасадор Тицињски ја нагласи историската повеќедецениска поврзаност на двете земји, која одлично функционира и во денешно време. Особено се интересираше за туристичките капацитети и можности кои ги нуди Битола, затоа што според македонската Агенција за поддршка и развој на туризмот, меѓу странските туристи кои ја посетиле земјата во 2018, најбројни се туристите од Полска. Директниот авионски лет Скопје-Варшава исто така игра важна улога во продлабочувањето на туризмот помеѓу двете држави. Тој посочи дека ќе лобира во агендата на туристите кои го посетуваат Охрид, да се најде и Битола како дестинација од посебно значење. Ова се однесува особено за планинскиот туризам, кој е најбаран од страна на жителите на Полска, а Битола и Националниот парк Пелистер, го нудат токму тоа. На средбата беа споделени позитивните практики во однос на користењето на полските искуства во локалната самоуправа.
Градоначалничката му се заблагодари на амбасадорот за поддшката која Република Полска и ја дава на нашата земја на патот кон членството во НАТО и ЕУ.