ПОДНЕСЕНИ 16 АПЛИКАЦИИ ЗА ИНФРАСТРУКТУРНИ И КАПИТАЛНИ ОБЈЕКТИ НА ЈАВНИОТ ПОВИК ОД ВЛАДАТА

ПОДНЕСЕНИ 16 АПЛИКАЦИИ ЗА ИНФРАСТРУКТУРНИ И КАПИТАЛНИ ОБЈЕКТИ НА ЈАВНИОТ ПОВИК ОД ВЛАДАТА

Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, денес ги потпиша 16-те проекти аплицирани од страна на општина Битола, на Јавниот повик за изразување на интерес од страна на општините за финансирање на инфраструктурни проекти од Потпрограмата АА- Инфраструктурни проекти во општините, со комплетно подготвена проектна документација, во вредност од над 4 милиони евра.

Станува збор за изградба и реконструкција на улици во должина од над 10 километри на територијата на цела општина, изградба и реконструкција на атмосферска и фекална канализациона мрежа во должина од речиси 2,5 километри, како и водоводна мрежа во должина од околу 6 километри. Проектите опфаќаат и поставување на ново училишно осветлување, како и енергетски ефикасна фасада на едно основно училиште.

Општина Битола аплицираше и за изградба на Центар за спорт и рекреативни активности, како и за санација на јужната трибина и поставување на ограда околу фудбалскиот стадион „Петар Милошевски“.