ОТВОРЕН НОВИОТ КАБИНЕТ ЗА ПСИХОМОТОРНА РЕЕДУКАЦИЈА ВО ОУ „ЃОРЃИ СУГАРЕВ“

ОТВОРЕН НОВИОТ КАБИНЕТ ЗА ПСИХОМОТОРНА РЕЕДУКАЦИЈА ВО ОУ „ЃОРЃИ СУГАРЕВ“

Во пресрет на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес го отвори новиот кабинет за психомоторна реедукација во Центарот  за поддршка на учењето на децата со попречености при ООУ „Ѓорѓи Сугарев“. Средствата за опремување на кабинетот се обезбедени од општина Битола, преку програмата за активности во областа на спортот и младите во делот на адаптација на спортски игралишта и спортски сали прилагодени за лица со попреченост. Со ставањето во употреба на овој кабинет ќе се овозможи отстранување или ублажување на специфичните потешкотии во повеќе области од сензомоторниот развој и психомоторното однесување на ученикот со попреченост, а со тоа и успешно учење и развој.

Покрај опремувањето на кабинетот, во соработка со Здружението „Ромска ѕвезда“, во училишниот двор на ова училиште, денес беа засадени и 33 садници. Директорот на училиштето, Роберт Филиповски, изрази јавна благодарност за поддршката која ја добива училиштето од општината, а истакна дека со денешната активност и на здружението „Ромска ѕвезда“, се потврдува и соработката со невладиниот сектор.

Градоначалникот Коњановски, најави дека, општина Битола, преку Програмата за активности во областа на спортот и младите за 2023 година, планира продолжување на ваквите активности кои ќе се реализираат за подобрување на надворешната спортската инфраструктура и замена на дотраените спортски реквизити или поставување на кошаркарски табли, ракометни и фудбалски голови, како и поставување на пристапни рампи во спортските објекти.