Амбасадорот на Кралството Холандија Вилен Ваутер Пломп и амбасадорот на државата Израел Дан Оријан, синоќа во Битола отворија изложба на тема „Ана Франк – Лекции за сегашноста“.
Во своите обраќања, двајцата амбасадори направија паралела од животот на младите луѓе во времето на Ана Франк и денешните можности на младиот човек.
Државата Израел низ разни содржини посветува големо внимание на образованието на младите луѓе и нивните наставници, а дел од искуствата несебично ги споделува, посочи израелскиот амбасадор во Република Македонија Дан Оријан и најави едукативна посета на 25 наставници од Битола во Израел.
Присутните ги поздрави и градоначалникот на општина Битола, кој говореше за Евреите и нивното големо значење за историјата на градот.
Во организацијата на изложбата „Ана Франк – Лекции за сегашноста“ која во Битола ќе биде отворена до 25 март учествуваа општина Битола, „Куќата на Ана Франк“-Амстердам, МКЦ-Битола, Младински образовен форум и здружението на граѓани АРХАМ-Битола.