ОПШТИНА БИТОЛА ИНВЕСТИРА ВО ЕКОНОМСКИ МОЌНА И СПОРТСКА БИТОЛА

ОПШТИНА БИТОЛА ИНВЕСТИРА ВО ЕКОНОМСКИ МОЌНА И СПОРТСКА БИТОЛА

Со јасна програма, врз база на направени анализи, а пред се водејќи се од интересот и потребите на граѓаните, локалната самоуправа во изминатиот период реализираше голем број проекти, притоа давајќи приоритет на економскиот развој и создавањето услови за вработување, подобрување на инфраструктурата на општината, инвестирање во подобрување на животната средина. На денешната прес конференција градоначалникот на општина Битола информираше за реализираните проекти во 2016, а најави и дел од проектите кои ќе се реализираат во 2017 година.

Градоначалникот, потсети за реализацијата на еден од најкрупните проекти, прв според приоритет, а од огромна важност за сите граѓани и воопшто за економската слика во општината. Направена е нова пристапна улица во Индустриска зона Жабени, а инвеститори од Турција – турската компанија „Челмак“ (фабрика за производство на алатки за земјоделство и приклучна земјоделска механизација), од Грција „Цераметал“ (за производство на метални конструкции) и од Италија „Натуралија фуд“ (прехранбена индустрија), веќе работат на подготовка на документација за купените парцели и наскоро очекуваме да започнат со градба во Индустриската зона Жабени. Најавено е и проширување на капацитетите на фабриката Кромберг и Шуберт за 1500 нови вработувања за што активностите се во тек. Тоа влијае на зголемување на бројот на вработени граѓани, кој што, моментално само во Кромберг и Шуберт е близу 3000 вработени.

На просторот на некогашната касарна „Стив Наумов“, денес „Златен рид“, интензивно се реализираат активности за  изградба на улици со тротоари, систем за водоснабдување, систем за атмосферска вода и улично осветлување на три улици во AРМ1 – СРУ2, СРУ3 и СРУ4; изградба на улица со тротоари, водоводна мрежа и систем за атмосферска вода на СТУ5б во АРМ 1 и изградба на улици, систем за водоснабдување, систем за атмосферска вода и улично осветлување на три улици во АРМ2 – СРУ4, СТУ7 и СТУ12. Станува збор за изградба на 7 улици во поранешната касарна со вкупна должина на улиците кои ќе се изградат од 2км и 800 метри. Изведувач на активностите е ГП Гранит, а вкупната вредност на договорот изнесува еден и пол милиони евра. За потсетување, во оваа населба веќе инвестираа повеќе инвеститори, меѓу кои ГП „Пелистер“, „Јури“, „Михајлов апартментс“…

Подобрувањето на инфраструктурата во општината е еден од клучните приоритети на нашата работа, затоа што, тоа е начин за зголемување на безбедноста во сообраќајот, за привлекување повеќе инвеститори, а со тоа и подобрување на животот на граѓаните во општината, рече градоначалникот Талески, најавувајќи дека според примерот на работата на оваа локална самоуправа, веќе се подготвени проекти за реконструкција и инфраструктурно уредување на уште 100 улици за период од четири години.

„Онака како што и најавивме пред три и пол години, со добра програма и планирање на општинскиот буџет успеавме да ја завршиме реконструкцијата на 100 улици, а со завршувањето на активностите од 2016 таа бројка ја надминавме. Само изминатата година, комплетно реконструирани се две улици во населба Стрчин, улиците Васил Брклевски и Стара чешма во нас. Горно Оризари, изградивме коловоз на 14 улици или  краци на улицата Бистра, водоводна, канализациона мрежа и коловоз на улицата Букова Шума, комплетна инфраструктура на улицата Кузман Шапкарев, улицата Никола Киров Мајски во Брусничка населба, коловоз на Булевар 1 мај, изведена е канализациона и водоводна мрежа на ул.Рашанец и отпочната е постапка за изведба на коловоз, како и реконструкција на водоводната мрежа на ул.Брегалница. Во завршна фаза е асфалтирањето на 2 краци на ул.Широка, како и изградбата на коловоз на ул.Даме Груев во Мал Парис.

Согледувајќи ги проблемите кои се јавуваат при поројни дождови, особено во околните населени места, презедовме мерки за надминување на таквите состојби, при што извршено е чистење на каналската мрежа, одводнување во Поешево, Карамани и Логоварди, исчистена е каналската мрежа за атмосферско одводнување во с.Кравари, а следува поставување на цевки на сите места каде што има премини за подобро функционирање на каналскиот систем. Во моментот, во тек се подготовки за изведба на атмосферско одводнување во с.Долно Оризари, како и подготовка на документација за  преасфалтирање на патот за с.Острец кој неодамна го саниравме.

Оваа 2017 година ја започнуваме подготвени за реализација на бројни проекти, меѓу кои во делот на инфраструктурата би ги споменал: изградба на коловоз на ул.Љубојно, подготовки за изградба на кружен тек кај ветеринарната станица и поставување на споменикот на Александар Турунџев, изградба на атмосферска канализација и подготовки за изградба на коловоз на улицата Апостол Здравевски, како и реконструкција на улиците: Кузман Јосифовски, Питу Гули, Девеани, Големо езеро, Драгорска, Марко Цепенков, ул.Солунска, Димитар Влахов и Димитар Робев и изградба на канализација и подготовка за асфалтирање на улиците во с.Долно Оризари.

Постојано вложуваме во одржување на зелените површини и модернизација на урбаните и руралните места. Така, во урбаниот дел, поставивме 68 нови  автобуски постојки и 46 во руралниот дел, а дел од старите се репарирани. Наскоро, започнуваме со реализација и на проектот за промена на режимот на сообраќај во централно градско јадро. Продолжуваме со изградба на велосипедски патеки и на другите предвидени улици, покрај завршената на улицата Македонска фаланга. Во 2016 година изградивме тротоари на улиците:25 ти мај, Наум Наумовски Борче, Борис Бастерот, нас.Кланица и на улиците Васил Брклевски и Стара чешма, а го уредивме и просторот околу споменикот на д-р Трифун Пановски, крак од улицата Кленовец и два краци од улицата Пецо Божиновски“, рече градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.

Освен решавањето на проблемот со невработеноста и решавањето на голем број инфраструктурни проекти, градоначалникот на општина Битола, информираше и за инвестициите во другите области.

Нашите инвестиции во училиштата и училишните спортски објекти, продолжуваат и оваа година како и во 2016 та година кога извршивме изградба на повеќенаменско игралиште во с.Логоварди, започнавме со изградба на фудбалско игралиште во с.Крклино, а завршивме со изградбата на игралиште во училишниот двор во с.Лопатица. Во завршна фаза е и изградбата на детската градинка во с.Кравари. Со бехатон плочки ги уредивме училишните дворови на училиштата:Елпида Караманди, Климент Охридски, Стив Наумов, д-р Трифун Пановски и Гоце Делчев, а во дел од нив веќе привршуваат и други реконструкции кои произлегоа од потребите на училиштето за беспрекорно одвивање на наставниот процес.

Општина Битола, негувајќи ја културата, традицијата и развивајќи ги своите можности за понатамошен развој во оваа насока, вложува во обнова на поранешното кино на Браќата Манаки, првите сниматели на Балканот. Неговата обнова, односно целосна изградба, оваа година ќе биде завршена со ентериерно и партерно уредување, како и ставање во функција на објектот.

Во соработка со Владата на Република Македонија, продолжуваме со реализацијата на проектите за гасификација и топлификација на општина Битола, а се реализираат и проектите за изградба на патот Битола – Охрид, како и реконструкција на железничката пруга и железничката станица во Битола.

Исто така, како резултат на соработката со Министерството за култура изминатата година реализирани се проектите: Реконструкција на фасада на Музичко училиште, реконструкција на фасада на СОУГ „ Јосип Б. Тито“и реконструкција на фасадата на безистенот. Во наредниот период продолжуваме со реализација на проектот за реконструкција на домот на АРМ и негово ставање во функција како мултифункционален објект за културни и други активности.

Градоначалникот информираше и за инвестициите на локалната самоуправа во развојот на спортот во Битола.

Битола спортски град

И оваа година продолжува реализацијата на ветената идеја „Битола спортски град“. Битола за прв пат ќе добие нов стадион, затоа што општината во 2016 година започна со реализацијата на проектот „Фудбалски стадион за 12 000 гледачи“. Проектот кој веќе се реализира е изработен согласно интересот и барањата на голем број заинтересирани граѓани, спортисти, навивачи, претставници од училишниот спорт и спортските клубови, кои присуствуваа на јавните презентации, организирани во процесот на изработка на проектот за изградба на стадион под Тумбе кафе. Вредноста на оваа фаза од реализацијата изнесува над 5 милиони евра и истата треба да биде реализирана за помалку од две години. На овој начин, инвестирајќи во спортската инфраструктура, давајќи им поддршка на спортистите и спортските клубови, Општина Битола, системски и програмски, инвестира во обезбедувањето на подобра иднина за развојот на спортот во општината, насочувајќи ги младите кон активности кои ќе им овозможат правилен психофизички развој и здрав дух, а притоа, недвосмислено, реализирајќи ја идејата за „Битола спортски град“, на овој начин, локалната самоуправа инвестира во иднината на општината.

Уште еден исклучително значаен спортски објект, неодамна започна да се реконструира. Имено, станува збор за реконструкција и адаптација на спортската сала „Младост“за исполнување на услови за европски ранг на натпреварувања. Вредноста на проектот изнесува 15 000 000 денари. Истиот опфаќа: проширување на теренот, замена на паркетот, поставување на 3500 седишта, семафор и адаптација на потребните придружни простории (соблекувални, туш кабини, прес центар и сл.).

Како резултат на реализацијата на проектот БИОФОС, од ИПА прекуграничната соработка со Грција, веќе е инсталирана мини пелет линија за изработка на пелети од отпадна биомаса од градското зеленило и истите ќе се употребат за задоволување на дел од потребите од топлинска енергија и санитарна топла вода во Спортската сала „Младост“  со што покрај главната цел се постигнува уште неколку важни стратешки цели на Општина Битола како што се создавање на услови за отворање на нови работни места, подобрување на условите за работа на спортистите како и заштеда на финансиски средства и енергија.

Ваквиот начин на работа, значи и продолжување на востановената пракса изминатите години, успешната работа на локалната самоуправа да биде потврдена со високи меѓународни признанија. Така, крајот на минатата 2015 година го означи официјалното членство на Битола во мрежата на креативни градови на УНЕСКО во областа на филмот, што претставува големо признание за креативниот развој на градот, базиран на негувањето традицијата и високите културно историски вредности. Токму ваквата можност и ова признание претставуваат мотив за продолжување на успешната приказна, која набрзо потоа, во 2016 година, продолжи да се развива со формирање на регионална филмска платформа за соработка на градови и држави од Југоисточна Европа, во областа на филмската дејност, а Битола станува центар на Balkan cinema cities. Со неуморна и континуирана работа, а како резултат на соработката во рамките на Балкан синема ситис, неодамна општина Битола потпиша меморандум за соработка со балканскиот фонд БЦЦ, Универзитетот „Марин Барлети“ од Албанија и албанскиот Институт Адриапол, што пак резултираше со дефинирање на повеќе конкретни активности во областа на креативни индустрии и енергетска ефикасност и договарање и аплицирање на заеднички проекти.

И крајот на 2016 година за Општина Битола, значеше уште едно признание. Исполнувајќи ги критериумите за транспарентност, а после сеопфатно истражување спроведено од страна на Центарот за граѓански комуникации за степенот на активна транспарентност на државните институции во Македонија, кон крајот на месец септември, општината е рангирана како една од најтранспарентните институции во државата, односно исполнувајќи ги најважните критериуми се издигнува на високото второ место во конкуренција на сите други државни институции во Република Македонија.

2017 година продолжуваме со реализација на сите предвидени проекти и градежни активности, насочени кон најголемото признание за нас, а тоа е секако среќен и исполнет живот на сите наши граѓани, нагласи градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески, на денешната прес конференција на која даде детален осврт за работата на локалната самоуправа во изминатата една година.