Согласно дополнувањата во Законот за превоз во патниот сообраќај (Сл. Весник бр.163 од 4 септември 2018, чл. 22-б и чл.27-б), бесплатниот превоз на ученици утврден со Законот за основно образование и Законот за средно образование на подрачјата на општините каде што има утврден возен ред ќе се врши од страна на носителите на дозвола на општински линиски превоз, по цени и начин утврден од советите на општините. Исто така, бесплатниот превоз на ученици на две или повеќе општини каде што има утврден возен ред во рамки на меѓуопштинскиот линиски превоз се врши од страна на носителите на дозвола за меѓуопштински линиски превоз, по цени утврдени со превозниците, кои не можат да бидат повисоки од цените за останатите патници.
Со дадени напатствија од Општина Битола, училиштата спроведуваат активности на адаптирање на новите законски одредби, со цел учениците да имаат нормален и безбеден превоз по цени нормални и соодветни на пазарните цени на превозот.
На овој начин, Општина Битола еднаш засекогаш треба да го реши проблемот со превозот, кој е основен причинител на финансискиот колапс во битолските училишта. Поради тоа што претходно овој проблем не се решавал, во моментов долговите на битолските училишта само по основ на превоз изнесуваат 47.700.000 денари, или над 770.000 евра. Мора да се земе во предвид и фактот дека вкупната сума на долгови по однос на превозот на училиштата во изминатата година е намалена во голема мерка, но и покрај тоа, актуелниот долг е многу голем.