Во рамките на проектот за зајакнување на општинските совети, Програмата за развој на обединетите нации (УНДП) потпиша договор за соработка со 18 општини. Една од тие општини е и Општина Битола.
Преку проектот, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, советниците од општините кои се дел од проектот, добиваат обуки и поддршка за планирање и трошење на општинските буџети согласно очекувањата на граѓаните, а секоја од општините ќе добие грант во висина од 50.000 швајцарски франци за приоритетни проекти кои ќе ги изберат граѓаните преку Форумите во заедницата. Секоја од општините ќе добие и грант во висина од 12.000 швајцарски франци за имплементација на иновативни ИТ решенија за зголемување на транспарентноста и отчетноста на општините, како и учеството на граѓаните во носењето одлуки на локално ниво.
Проектот, вреден 3,4 милиони швајцарски франци, е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка и е имплементиран од УНДП во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Министерството зa финансии, Заедницата на единиците на локалната самоуправа, Здружение на финансиски работници и UN Women.