Битола е една од 8-те општини во кои Центарот за граѓански комуникации со поддршка од Кралството Холандија го реализира проектот “Заштита од корупција”. На денешната прва работилница, на која присуствуваа претставници од општината и јавните претпријатија, претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, нагласи дека корупцијата се решава системски и со личен пример, а партизацијата мора да биде надвор од институциите, односно да се вработуваат стручни и компетентни лица, независно од нивната партиска припадност. Градоначалникот Коњановски, потенцираше дека преку заштита од корупција се отвораат европските перспективи на државата.
„Општина Битола, како сервис на граѓаните, се стреми кон развој на силна организациска структура и кохерентен систем на управување со интегритет, а согласно тоа не толерира било каква форма на неетичко, казниво или друго незаконито однесување.
Поаѓајќи од заложбите за владеење на правото, обезбедување на одржлив економски и општествен развој, поттикнување на јавната доверба, целосно и непречено остварување на правата и слободите на граѓаните, како и поттикнување на нивното учество во носењето одлуки на локално ниво, Општина Битола има усвоено политика на интегритет, која ги вклучува следните компоненти: Јавен интерес и спречување на корупцијата и судирот на интереси, Професионално и етичко работење, Заштитено пријавување, Управување со човечки ресурси, Ефикасно, економично и ефективно работење, Транспарентност, отчетност и партиципативност, Управување со квалитет и Еднакви можности на мажите и жените.
Имплементацијата на сите овие компоненти, секако дека е поврзана и со доследно применување на законите со кои се регулираат одредени области или процеси, за кои е надлежна локалната самоуправа, но истовремено и со придржување на вработените во општинската администрација до Кодексот за административни службеници.
Третиот дел од оваа политика на интегритет, вклучува нејзино спроведување, управување со ризици од корупција и следење и известување.
Како локална самоуправа, веќе сме во фаза на подготовки на новата годишна програма со акциски план за спречување на корупцијата, така што верувам дека со оваа обука, ќе се идентификуваат и важните точки на кои ќе треба да ставиме посебен акцент во текот на идната година.
Во овој контекст, еден клучен процес на кој работиме е дигитализација на услугите кои ги овозможува општината, што е многу важен аспект, содржан и во Националната стратегија за спречување на корупција и судирот на интереси 2021 – 2025, а со што се врши минимизирање на контактот помеѓу барателот и давателот на услугата.
Накратко, јасно е дека борбата против корупцијата мора да ја спроведуваме со континуирана активност на сите нивоа, како локално, така и централно, затоа што само на тој начин, ќе постигнеме поголеми, односно подобри резултати, не само како институции, туку и како држава“, посочи градоначалникот Коњановски.
Обуката продолжува и во текот на утрешниот ден.