ОДРЖАНА ЈАВНА ДИСКУСИЈА НА ТЕМА „ПРАВЕДНА И ЗЕЛЕНА ТРАНЗИЦИЈА ВО БИТОЛА“

ОДРЖАНА ЈАВНА ДИСКУСИЈА НА ТЕМА „ПРАВЕДНА И ЗЕЛЕНА ТРАНЗИЦИЈА ВО БИТОЛА“

Во организација на Младинскиот културен центар од Битола, во соработка со Локалниот економско социјален совет, се одржа јавна дискусија на тема: „Праведна и зелена транзиција во Битола“ во рамките на програмата за одбележување на „4 Ноември“.

На настанот, свои обраќања имаа Борче Димитровски, секретар на Општина Битола и заменик претседавач на ЛЕСС, Тони Ангелевски, помошник директор на Сектор за инвестиции, развој и проектирање во РЕК Битола, Менде Фидановски, претседател на синдикалната подружица на СИЕР на РЕК Битола и Жарко Конески и Марија Штерјова, од Центар за истражување и информирање за животната средина „Еко свест“.

„Денешната тема е посебно значајна за нашиот регион, затоа што најголемата термоцентрала, која што произведува повеќе од две третини електрична енергија – РЕК Битола е дел од Пелагонискиот регион и неизбежен дел од Битола. Темата е навистина актуелна и значајна и нема да кажам ништо ново, ако кажам дека овој процес е долг и комплексен, а не е ниту евтин, во делот на транзицијата на РЕК Битола. Со жалење можам да заклучам дека претходната Влада склучи документ и договор со кој што тврди дека овој регион ќе стане јаглен неутрален, заклучно со 2030 година. За да не се разбереме погрешно, јас сакам чист воздух, сакам почвата да биде незагадена, бидејќи моите две деца тука треба да растат, но од друга страна не посакувам ниту лично, ниту како актуелен секретар на Општина Битола економска катастрофа на регионот, ниту пак нешто да се случи со вработените од социјален или економски аспект во поширок контекст. Од тие причини, многу е важен пристапот во идниот период и можностите како таа праведна транзиција ќе се движи. Пристапот мора да биде искрен ако сакаме транзицијата да биде праведна и треба да направиме генерална разлика помеѓу енергетска транзиција и праведна транзиција во регионите во кои што се произведува електрична енергија преку јаглен. Само ќе кажам пример, дека една Германија не е спремна до 2050 да стане неутрална на јаглен и нема да навлезам стручно понатаму, затоа што тука има стручни лица кои ќе ги анализираат и ќе ги елаборираат тие аспекти, а во еден дел на дискусијата ќе дадам осврт на она што општина Битола го прави да стане енергетски ефикасна или ефективна во дел на штедење на енергија, производство на енергија преку обновливи извори, бидејќи тоа е на некое микро ниво во однос на оваа тема, но исто значаен аспект што ние прво правиме за да ја подобриме околината“, изјави Борче Димитровски, секретар на Општина Битола и заменик претседавач на ЛЕСС Битола.

Во своето обраќање Димитровски, потенцираше дека до крајот на годината 10 училишта во Битола ќе добијат фотоволтаици, а преку проектот EU4CleanAir, од понеделник во Битола започнува засадување на 1500 различни видови садници, на 10 локации во градот.

Помошник директорот на Секторот за инвестиции, развој и проектирање во РЕК Битола, Тони Ангелевски, ги презентираше идните планови и проекти кои ќе се реализираат во рударско енергетскиот комбинат, ставајќи посебен акцент дека во сите понатамошни активности нема да биде дозволено вработените да останат без работа, што беше и на врвот на приоритетите и на претставникот на синдикалната организација Менде Фидановски.

Претставниците на „Еко свест“, ја презентираа изготвената Визија за Битола во поглед на енергетската транформација, а модератор на настанот беше Мери Нашоку, од МКЦ Битола.