ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ЛИЦАТА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ

ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ЛИЦАТА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ

Здружението за хуманитарни дејности Лајонс Клуб Кабадаја Битола денеска организираше традиционален Марш низ Широк Сокак по повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби.Ученици од основните и средните училишта од Битола се собараа на Плоштад Магнолија, а во истото тоа време пред Домот на АРМ се собраа децата од Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас „Кочо Рацин” Битола. Двете групи се сретнаа пред плоштадот Гоце Делчев, каде точно напладне беа пуштени голем број балони, кои носеа моќна порака, насловена „Обои ме во пријател“. На настанот присуствуваше и градоначалничката Петровска, која нагласи дека во идниот период, локалната самоуправа ќе дејствува во насока на овозможување на подобри услови и за лицата со попреченост: „Сите ние независно од каде и како доаѓаме, како луѓе имаме еднакви потреби. Можеме само да зборуваме за отежнати околности во кои мораме да функционираме, меѓутоа, токму затоа на сите нам ни претстои и должноста и задачата: На оние кои имаат отежнати околности на функционирање да им помогнеме да се справат со своите проблеми во олеснителни околности. Но, не треба да имаме само еден ден во годината во кој што ќе посветуваме внимание на ваквите состојби и појави. Напротив, сите денови во годината треба да бидат посветени на целокупната заедница, што на тој начин би значело интегрираност во општеството. Токму затоа, како градоначалник, во следниот период ќе се залагам низ сите форми, општината да дава поголем придонес, меѓутоа и самите образовни институции да бидат повеќе функционално поврзани меѓу себе, за да на тој начин, ги придвижиме работите за оваа проблематика во позитивна насока“, изјави градоначалничката на Битола, м-р Наташа Петровска.