Во организација на Лајонс клубовите од градот и Здружението на слепите лица од Битола, денес се одбележа Меѓународниот ден на белиот стап, со марш по Широк Сокак. Градоначалникот Тони Коњановски, посочи дека Општина Битола продолжува во континуитет со поддршка за слепите лица, во насока на поголемо олеснување во нивното секојдневие.
„Локалната самоуправа во насока на поголема соработка со слепите лица и лицата со оштетен вид, реализира активности низ повеќе програми, а посебно низ Програмата за социјална заштита. Годинава се обезбедени 60.000 денари поддршка за Ресурсниот центар за слепи лица кој е формиран со поддршка на УНДП и пет општини од регионот. Ангажирано е лице едукатор за Брајово писмо, со цел подобрување на образованието на слепите лица со што лицата кои покасно го загубиле видот и немале можност да се образоваат во специјално училиште за слепи лица, преку Проектот општествено корисна работа. Општина Битола исто така обезбеди бесплатен градски превоз за лицата со општетен вид, а исто така, општината покрива обуки за лични асистенти преку Црвен крст со што се зголемува бројот на лични асистенти како овие лица не би имале потешкотии при добивање на таа услуга. Во насока на подобрување на инфраструктура за лица со попреченост, уште еднаш напоменувам дека секој има можност да поднесе барање во висина до 61.500 денари, наменети за адаптација на дом или набавка на опрема согласно потребите на лицето“, рече градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски на денешниот настан.
Од битолските Лајонс клубови, нагласија дека и натаму ќе продолжат со изработка на менија и материјали со Брајово писмо, се со цел да им се олесни пристапот на лицата со оштетен вид до услугите во јавните објекти и рестораните.