ОДБЕЛЕЖАНО 41 ИЗДАНИЕ НА ИФФК „БРАЌА МАНАКИ“

ОДБЕЛЕЖАНО 41 ИЗДАНИЕ НА ИФФК „БРАЌА МАНАКИ“

 

Во Пациото на НУ Завод и музеј во Битола, во скратена форма се одбележа 41-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Состојбата со КОВИД-19, наметна друга форма на годинешното фестивалско одржување. Пред присутните претставници, како покровител на фестивалот, се обрати претседателот Стево Пендаровски.

„Дозволете да ве поздравам како покровител на првиот и меѓу стотиците филмски фестивали, еден од само неколкуте во светот, кои се фокусирани на кинематограферите, фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки”. Станува збор за еден од најзначајните културни настани во нашата земја, настан во кој е вткаена богата историја, многу ентузијазам и љубов кон филмската уметност. Благодарение на овој фестивал, Битола и нашата држава се препознаени во светот на седмата уметност“, рече Пендаровски.

Општина Битола, како партнер и редовен поддржувач на фестивалот, годинава останува без присуството на големите филмски имиња од кинематографијата, истакна градоначалничката Наташа Петровска.

„Го изодивме првиот чекор од петтата деценија на фестивалот кој го одржува пулсот на нашиот град, но и пулсот на животот и на делото на Браќата Манаки, во градот Битола,  каде што катадневно се случуваат културни настани, а во секоја фасада каде се кријат животни приказни, кои траба да се спакуваат во животни ситуации и да претставува мотив за следни филмски сценарија, а тој мотив да го оставиме на следните генерации“, потенцираше Петровска.

Пред присутните се обратија и Игор Иванов, директор на Друштвото на филмски работници на Македонија , кој му ја врачи  наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм” на режисерот Столе Попов,  а видео обраќање имаше и добитникот на „Златната камера 300 за животен опус“ Јануш Камински.

Свое обраќање имаше и амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз како и  директорката на ИФФК „Браќа Манаки“, Гена Теодосиевска.

Во рамките на одбележувањето на ова фестивалско издание,  беше прикажан краток документарен филм за киното Манаки на Широк Сокак во Битола, како негова своевидна промоција.