ОДБЕЛЕЖАНИ 20 ГОДИНИ ОД ЗАГИНУВАЊЕТО НА ВОЕНИТЕ РЕЗЕРВИСТИ КАЈ ГАЈРЕ

ОДБЕЛЕЖАНИ 20 ГОДИНИ ОД ЗАГИНУВАЊЕТО НА ВОЕНИТЕ РЕЗЕРВИСТИ КАЈ ГАЈРЕ

Пред 20 години, битолчаните Влатко Миленковски и Благојче Силјановски, како и Пеце Матичевски од Новаци, беа тројцата воени резервисти, припадници на баталјонот на Воената полиција од Битолскиот Корпус, кои во заседа загинаа во близина на селото Гајре.

Во нивна чест пред споменикот „Ангел“ во паркот кај Градскиот часовник и пред споменикот во касарната посветен на загинатите бранители, цвеќе положија градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска, претставници на Советот на Општина Битола, претставници на Министерството за одбрана, одделение за одбрана Битола, градоначалникот на Општина Новаци, семејствата на загинатите, припадници, на АРМ,  СВР Битола, воени резервисти од други општини, политичките партии, и други лица.

„Лично мене како човек, улогата како градоначалник ми е најтешка токму во вакви моменти, затоа што станува збор за загуба, за која апсолутно нема надокната што и да направите. Слава им! И нека ова што како лудило се случи во нашата држава и во човештвото воопшто, биде трезнеење во нашето секојдневие, за наша одговорност во нашето работење. Верувам дека како држава умееме да извлечеме поука никогаш повеќе да не се повтори, бидејќи луѓето постојат за да создаваат, а не за да уништуваат. Тоа е основната премисла со која треба да се движиме и со која треба да живееме“, рече градоначалничката Петровска.

Петровска изрази сочувство до семејствата на загинатите за големата болка на загуба, со која, за жал, семејствата живеат веќе 20 години.