Почитувана Претседателке на Советот, Габриела Илиевска,
Почитувани советници,
Почитувани медиуми и гости
На денешната седница на Советот на Општина Битола, ќе дадам краток осврт на точките на дневен ред, кои веќе беа разгледани од Ваша страна на соодветните комисии, но и ќе Ве информирам за дел од тековното работење на општината.
Во врска со состојбата која никој од нас не ја посакуваше, предизвикана од серијата земјотреси кои беа почувствувани во Битола, по што се наметна потребата како локална самоуправа да ги преземеме потребните мерки и чекори за да им излеземе во пресрет на граѓаните кои претрпеа штети во домовите, сакам да ве информирам дека на објавениот повик од страна на општината, примени се 2677 барања и формирани се комисии кои ќе ги разгледуваат барањата во следниот период и се надевам дека многу брзо ќе успееме да постапиме по барањата кои ги исполнуваат условите за надомест на штета.
Во врска со постапката за проценка на штетите, минатата недела на состанокот со претставници од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, се договоривме во текот на оваа недела, стручните лица од ИЗИИС да им одржат обука на членовите на комисиите кои ќе вршат проценка, во врска со што истите треба да се обучени согласно Законот за заштита и спасување.
Како што претходно ја информиравме јавноста, за штетите настанати од земјотресот остваривме и работен состанок со претставници на Владата, а во понатамошното постапување очекуваме поддршка од нивна страна, како што и најавија владините претставници, после состанокот.
Во другиот дел на работењето на локалната самоуправа, воспоставувајќи можности за успешно функционирање и покрај околностите во кои сеуште се наоѓаме, а кои произлегуваат од состојбата со КОВИД 19, општинската администрација, активно работи на реализација на програмите кои беа донесени од Советот на крајот на минатата година.
Во делот на Програмата за социјална заштита, минатата недела започнавме со реализација на 4 проекти. За два проекти веќе се објавени јавни повици. Едниот се однесува на поддршка на проекти и програмски активности на здруженија на граѓани кои работат во областа на социјалната заштита, а другиот е јавен повик за обука на 24 невработени лица, за лични асистенти на лица со попреченост, во период од три месеци, за што потпишавме договор со општинската организација на Црвениот крст. За време на потпишувањето на договорот претседателката истакна дека, за жал бројот на бездомни лица во Битола е зголемен, поради што после претходно спроведеното согледување на состојбите, потпишавме уште еден договор со Црвен крст, со кој обезбедуваме поддршка за згрижување на бездомни лица и лица во ризик.
Четвртиот проект се однесува на обезбедување на инфраструктура на лицата со попреченост, во домот на тие лица, за што јавниот повик ќе биде објавен после денешното усвојување на Правилникот од Ваша страна.
Во врска со реализацијата на програмата за култура, верувам дека ќе се согласите дека Зимската приказна, кој беше проект за кој исплатени се 1.707.675 денари, ги исполни очекувањата на битолчани и докажа дека Битола, давајќи поддршка на локалната културна сцена, неселективно, може да реализира културни настани за кои со позитивни коментари ќе се раскажува најмалку на државно ниво, но и многу пошироко.
Токму затоа, согледувајќи го големиот интерес од страна на културните уметници и ентузијасти од нашиот град, за деветдневниот фестивал кој не беше сведен само на едновечерен дочек на Новата година, го проширивме првично предвидениот буџет и реализиравме програма во која беа прифатени сите доставени апликации, со цел да се даде еднаква можност на сите апликанти, а културната сцена во Битола, повторно да заживее.
Не останавме затекнати ниту во спортот. Интервениравме веднаш, како кај фудбалскиот, така и кај кошаркарскиот клуб, за да создадеме стабилна основа за понатамошни спортски резултати.
Во делокругот на другите надлежности, се работи на подготовка на проектни документации, како и постапки за јавни набавки, со цел успешно спроведување на предвидените постапки, согласно објавениот план за јавни набавки.
Од страна на зимската служба, од увидот на терен, констатирав дека за време на снежните врнежи, постапено е согласно усвоената програма и според можностите за делување кои произлегуваат од временските услови за интервениција со механизација, сол и ризла.
Во врска со решавањето на предметите за легализација, сакам да ве известам дека правната служба која е задолжена со овие предмети, посветено работи, така што веќе се решени над 1000 предмети, а на денешната седница со ваша одлука ќе се овозможи решавање и на предмети кои се однесуваат на објекти во неколку рурални места.
Во текот на оваа недела планирани се и повеќе активности кои се однесуваат на економскиот развој, почеток на создавање нови можности за младите од нашата општина, а планираме да го објавиме и јавниот повик кој го најавивме на денот на Заштитникот на градот Свети Нектариј, а се однесува на поддршка и стимулација на талентирани и надарени ученици од општината.
Започнати се подготовки и во други области, посебно на процесите кои се однесуваат на дигитализација на општината, односно системот за управување со документи, геоинформацискиот систем, воведување на можности за електронско плаќање за услуги, како и другите аспекти на овој проект, кои произлегуваат од барањата на граѓаните и времето во кое живееме. Убеден сум дека крајниот резултат на овој проект ќе биде ефикасна и ефективна администрација и задоволни граѓани.
На крај, сакам да истакнам дека, согледувајќи ги состојбите со кои се соочивме во изминатите два и пол месеци од работењето како локална самоуправа, повеќе од потребно е да се направи ревизија на работата во периодот од 2017 до 2021 година на локално ниво.
Доколку имате дополнителни прашања, тука сум да одговорам.
Гледам дека, културната манифестација која ја организиравме за дочекот на новата година, предизвика Ваша реакција, после повеќе од еден месец од одржувањето, добро е да бидете информирани и да се интересирате за сите постапки кои се водеа, ние сме отворени, општината е отворена и достапна, макар што очекував повеќе прашања за енергетската криза во која се наоѓаме. Очекував дека ќе се информирате за 16.000.000 денари кои се платени за електрична енергија за два месеци, очекував дека Вашите тројца министри во Владата, ќе придонесат да ја надминеме таа криза, да помогнат дел од тие трошоци да се преземат на централно ниво, но изгледа културата предизвика поголема бура. Сакам да ве информирам дека оваа година ќе направиме уште поголема манифестација, повторно сите поканети, сите оние кои нешто значат во културата, без селективност ќе бидат поканети, да придонесат и да ја направиме Битола, центар, онаков каков што доликува. Иначе, градот го посетија, колку битолчани, толку и од останатите места: прилепчани, граѓани од Новаци, Могила, Демир Хисар, ресенчани…На сите манифестацијата им се допадна, а одговорот на Вашиот прес го видовте и во коментарите. Јас го слушам гласот на граѓаните, секако и Вашиот глас, но велам: за се она што мислите дека треба да се информирате, да прашате, достапно е, легално и легитимно е тоа да го побарате.
Одговорите, секако ќе ги добиете.
Ви благодарам