НУУБ СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ ГО ОДБЕЛЕЖУВА ДЕНОТ НА СВОЈОТ ПАТРОН

НУУБ СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ ГО ОДБЕЛЕЖУВА ДЕНОТ НА СВОЈОТ ПАТРОН

Денес спроти државниот празник Св. Климент Охридски, НУ Универзитетска библиотека Свети Климент Охридски го празнува денот на својот патрон празник. Писмото и јазикот се кодифицирани во нашата историја. Метафизичкото значење на словенската писменост претставува придобивка за човечката цивилизација, а библиотеките, како книгохранилишта се столб на општеството, беше нагласено на денешната свеченост, на која присуствуваа голем број гости со кои библиотеката во изминатиот период остварува континуирана соработка.
„Свети Климент Охридски нашиот учител, просветител, писател, инспиратор, ние сме среќни што денес можеме да дадеме се од себе за да го величаме неговото дело. Имаме можност да проследиме дел од неговите дела поврзани со нашето писмо, со глаголицата и нашата манифестација носи такво име – Моќта на буквите“, изјави директорката на НУУБ Свети Климент Охридски, Јелена Петровска.
Во својот говор директорката нагласи дека, денешните библиотеки ги прераснаа своите првобитни функции и израснаа во мултифункционални центри, препознатливи во своето опкружување по креативни и современи програми за сите нејзини корисници. На манифестацијата присуствуваше и градоначалничката на Битола која им го честита празникот на вработените и директорката, притоа испраќајќи порака до сите граѓани, а пред се до младата популација:
„Во оваа институција се сместени илјадници изданија, илјадници страници во кои што се кријат мноштво информации којшто едноставно им даваат на младите генерации, а и на сите луѓе воопшто, можност да ги прошират своите знаења, видици и богатство. Затоа, би им препорачала што почесто да бидат во нејзините простории“, изјави градоначалничката на Битола, м-р Наташа Петровска.
Иднината е светлина кон која одиме низ животот, а факелот со кој ја осветлуваме е во библиотекарите, но пред се во образовните институции. Затоа библиотеките не случајно се бастион на писменоста и чувари на културното наследство и пишаниот збор, рече на крајот на својот говор директорката на НУУБ Свети Климент Охридски Јелена Петровска.