НОСЕЊЕТО МАСКИ И ДИСТАНЦИРАЊЕТО МОРА ДА ПРОДОЛЖИ, АПЕЛИРА ОПШТИНСКИОТ КРИЗЕН ШТАБ

НОСЕЊЕТО МАСКИ И ДИСТАНЦИРАЊЕТО МОРА ДА ПРОДОЛЖИ, АПЕЛИРА ОПШТИНСКИОТ КРИЗЕН ШТАБ

Општинскиот кризен штаб одржа нов состанок во однос на состојбата со корона вирусот во регионот и градот Битола, особено откако во текот на вчерашниот ден беа регистрирани 11 новозаболени лица од Битола.

Директорката на Центарот за јавно здравје Елизабета Крстева истакна дека нема критичност во епидемиолошката слика со појавата на оваа бројка, која е од техничка природа и доаѓа од промената на пристапот на тестирање.  Во претходните десетина дена, најголемот дел од термините за тестирање преку системот „Мој термин“ биле зафатени од Кичево, така што по поделбата на соодветен број термини во регионот, состојбата се нормализирала и оваа бројка е последица на подолг временски период, а не само на еден ден.

Изминатите регистрирани случаи во Битола доаѓаат од веќе позната средина, односно од познати четири кластери, каде што лицата се поврзани.

Учесниците во Кризниот штаб укажуваат дека населението е прилично олабавено, не се почитува дистанца во рестораните и кафулињата, а често не се носи маска. Градоначалничката Наташа Петровска побара поажурно делување на надлежните институции на терен, во насока на превентивно делување. Исто така, таа побара од јавните претпријатија да се земат во предвид сите можни ресурси и превентивни насоки на делување во справување со нов, поголем бран на заболени од ковид-19, кој се предвидува од септември.

Од кризниот штаб уште еднаш испратија апел до населението да биде внимателно, да се почитуваат сите мерки и протоколи за заштита, а граѓаните да одржуваат редовна хигиена на рацете, да носат заштитна маска и да ја почитуваат социјалната дистанца.