НОВА ОПРЕМА ВО ГРАДИНКАТА „СНЕГУЛКА“

НОВА ОПРЕМА ВО ГРАДИНКАТА „СНЕГУЛКА“

Продолжуваат инвестициите во образовните институции наменети за најмалата популација во Битола. По повеќе од 40 години, градинката „Снегулка“, која се наоѓа во централното градско подрачје, доби комплетно нова опрема.

„За само две години во градинките во Општина Битола се вложени околу 300.000 евра во зафати кои што се однесуваат на инфраструктура во самите градинки, меѓутоа и во намештај, нагледни средства, средства потребни за одржување на хигиена како машини за перење, превозни средства, се она што требало да се купи многу одамна за успешно и добро функционирање на вака значајни институции. Едноставно, дојдовме до ситуација да санираме зафати каде што речиси половина век не е вложувано и не е инвестирано, токму онаму каде што се нашите најдраги. Дека сме направиле нешто, меѓу кое и зголемување на капацитетите и дека сме се движеле во вистинска насока, најдобро говорат насмевките на дечињата“, рече градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

На патрониот празник на ЈОУДГ „Естреја Овадија Мара“, во градинката која е дел од осумте градинки во состав на оваа јавна установа, се одбележуваше денот на раѓањето на народната хероина.

„Децата се нашето најголемо богатство и тие се темел на нашата иднина. Градинката е место каде што почнува развојот на детето, каде што детето го осознава светот и каде што почнува неговиот квалитетен раст и развој. Вложувајќи во подобрување на условите за правлиен и квалитетен развој на децата, вложуваме во нашата иднина. Во изминатите две години вложивме многу, а во во оваа градинка по речиси 40 години е променет комплениот мебел, имаме нови шкафчиња, масички, столчиња, теписи, патеки, нов дидактички материјал, опрема за во кујната итн“, посочи директорката на ЈОУДГ „Естреја Овадија Мара“, Лидија Тфист Митревска.

Градинката „Снегулка“  е прва наменски изградена градинка во Битола, која со работа започнала во 1966 година.

„Јас работам во оваа градинка 35 години и сакам да го изразам моето и задоволството на сите вработени, од позитивните промени кои ги доживуваме во изминативе 2 години. Покрај веќе посочената опрема, воспитно-образовниот кадар доби нови лап топи со цел да изведуваат поквалитетна настава. Голема благодарност до локалната самоуправа и директорот на установата што покажаа слух за потребите на децата и на вработените. Благодарност и до МТСП  што на наше големо задоволство се погрижи за зголемување на стандардот на вработените“, истакна Силвана Поповска, вработена во градинката „Снегулка“.

Децата од големата група во градинката „Снегулка“ изведоа пригодна програма со рецитации и песнички, а со воодушевување си играа на новите теписи користејќи ги новите дидактички материјали. Општина Битола веќе ја изработи проектната документација за новата детска градинка.