НАСКОРО БИТОЛА ЌЕ СЕ ГОРДЕЕ СО РЕКОНСТРУИРАН И ФУНКЦИОНАЛЕН ОФИЦЕРСКИ ДОМ

НАСКОРО БИТОЛА ЌЕ СЕ ГОРДЕЕ СО РЕКОНСТРУИРАН И ФУНКЦИОНАЛЕН ОФИЦЕРСКИ ДОМ

Постепено и надворешно стануваат видливи, големите реконструктивни зафати кои се во тек во Офицерскиот дом во Битола. Градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, заедно со Мила Царовска, заменичка на претседателот на Владата задолжена за економски прашања, извршија увид во објектот, кој за неколку месеци, повторно ќе стане место со кое битолчани ќе се гордеат, а за чие културно – историско значење, ќе раскажуваат посетителите ширум светот.

„Сакам да нагласам дека, покрај оние 58.000.000, 00 денари, кои што беа обезбедени преку Европската Унија и во соработка со ЛРЦП и поддршка на Владата на Република Северна Македонија за реставрација на Офицерскиот дом, општината со 2.000.000,00 денари, обезбеди дополнително современ систем на канализација, со кој домот ќе го приклучи до уличната канализациона мрежа. Воедно, сакам да кажам дека и за улицата „Македонска фаланга“, која што се наоѓа во близина на овој објект, проектот за реконструкција е целосно завршен, се наоѓа на ревизија, што значи дека ќе следуваат зафати на контролирано регулирање на сообраќајното решение кое што ќе го имаме за овој дел од градот. Самиот овој комплекс, покрај овие инфраструктурни зафати кои досега ги кажав, предвидуваат зафати на хортикултурно партерно уредување, кои што треба да дадат навистина едно сосема поинакво по изглед место во нашиот град, во делот на можноста да имаме место каде што навистина ќе уживаме и во погледите, меѓутоа и во одморот кој што ќе го имаме тука и во можноста да ги следиме настаните кои ќе бидат. Се ова претставува нешто што на градот ќе му даде поинаква слика и сосема поинаква душа, без да се изгуби она што како традиција сме го имале во минатото, а што исклучително им значи на битолчани“, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Петровска информираше дека е определена и функционалноста на објектот кој ќе биде Дом на уметноста, исполнет со културни настани, отворен за невладини организации и нивните настани, за бизнис заедницата, културните настани, но и за музејски поставки. Вицепремиерката Царовска, очекува, дека токму ваквата приказна, исполнета со историја и култура, ќе отвори нови можности за привлекување на туристи:

„Наша интенција како Влада е да инвестираме во локален и регионален развој, а со тоа инвестирање, ја придвижуваме локалната и регионалната економија. Овие објекти и нивното одржување, создавањето на приказни за нивната историја, навистина може да привлече и домашни и меѓународни туристи, кои што понатаму ќе ја придвижат економијата локално. Владата во партнерство со ЕУ и Светска банка, инвестираше 960.000 евра, што е завидна сума и во очекување сме од наредната година, тој да стартува и со своја програма и да им понуди на битолчани и граѓаните од нашата држава, културни содржини, уметнички содржини и понатаму да биде распростртанет и во регионот, како културен споменик на нашата држава“, изјави Царовска.

Проектот за Локална и Регионална Конкурентност (LRCP) е финансиран од Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија. Истиот се администрира од страна на Светска Банка, а се спроведува од страна на Кабинетот на заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања.