НАБАВЕНИ НОВИ МИНИБУСИ НА МЕТАН

НАБАВЕНИ НОВИ МИНИБУСИ НА МЕТАН

Општина Битола за првпат и со сопствени средства набави нови, еколошки минибуси на метан, со по 16 и 19 патнички седишта. Градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска посочи дека возилата ќе бидат наменети за учениците и за останати услуги, наменети за граѓаните.

„Согласно програмите за работа и средствата предвидени од буџетот, Општина Битола годинава набавува 4 минибуси со капацитет од 70 седишта, во вредност од 18 милиони денари. Според нашата споредбена анализа, ќе покажеме кои се ефектите на едни поинакви политики, кои што ги покажува оваа локална самоуправа. Во изминатиот период за превоз на ученици, со некои поинакви политики, беа потрошени околу 9 милиони евра, што во превод би значело набавка на 116 вакви минибуси. Замислете, ако се воделе домаќински политики, како што ги покажуваме ние денес, кој капацитет на превозни средства и кои услуги би ги имала нашата локална самоуправа. Во оваа насока Општина Битола ќе продолжи да се однесува, затоа што само на ваков домаќински начин може да имате поефективен, поекономичен и поуслужлив превоз кон граѓаните“, рече Петровска.

Минибусите пристигнаа непосредно пред седницата на Совет каде што се носи последната одлука за формирање на регионалното јавно претпријатие за подобрени услуги во превозот за жителите на општините Битола, Могила и Новаци.

„Следната недела доаѓа уште едно превозно средство, кое покрива категорија на граѓани кои што во изминатиот период имала сериозни проблеми од аспект на мобилноста. Ветуваме дека со ваквите домаќински политики, кои што покажаа дека една локална самоуправа може да се носи и со сопствени средства на набавка на вака значајни услуги кон граѓаните, може да се реализира ветеното“, истакна Петровска.