Битола беше домаќин на мини саемот, на кој беа претставени резултатите од истражувачките проекти, финансирани од страна на Фондот за иновации и технолошки развој под јавниот повик „Предизвик за млади истражувачи“ од областа на екологијата. Шест училишта и една компанија, меѓу кои основното училиште „Стив Наумов“ и Средното општинско училиште „Јосип Броз Тито“, ги промовираа своите наградени истражувачки проекти, пред учениците од 17 училишта од регионот. Градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска, го отвори саемот и ги поздрави успешните научни проекти.
„Овој саем е од особено значење затоа што преку овие проекти се излегува од теоријата на хартија и им овозможува на младите луѓе низ реални експерименти и низ реални истражувачки методи, она што го научиле во теоријата да го применат во пракса. Ова отвора широки врати за младиот ум, за жуборот на творечкиот дух, но и на иновативноста и навистина во оваа насока треба и да продолжиме. Особено ме радува што младите луѓе се заинтересирани за ваквиот вид на истражување, но и наставниот кадар кој дава сериозна поддршка во ваквите програми“, рече Петровска.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски ја посочи Битола како еден од најуспешните градови во добирањето на грантовите и најави дека наскоро може да се очекува новиот повик за средства за нови иновативни проекти.
„Програмата „Предизвик за млади истражувачи“ ја започнавме скромно пред две години и имаме околу 50 училишта кои зедоа учество во оваа програма. Дополнително имаме уште две програми кои што ги реализираме со Американската агенција за меѓународен развој и со УСАИД и во рамките на сите три програми целта е да се поттикнува критичкото и креативното размислување и сето тоа да поттикне охрабрување на младите да останат во земјава и да отворат свои бизниси, што е исклучително важно. Средствата за овие проекти изнесуваат околу 13.000.000 денари“, рече Деспотовски.
Од Фондот за иновации најавија дека оваа поддршка ќе продолжи и во наредниот период со зголемена финансиска поддршка.