Во рамките на проектот „Одржливо живеење – Активни граѓани“ (Sustainable Living – Active Citizens), чиј домаќин е Средното општински училиште „Таки Даскало“, делегациите учесници во проектот ја посетија Општина Битола.
Градоначалничката Наташа Петровска им се обрати на присутните гости од Трисил-Норвешка, Ратинген-Германија, Мухос-Финска, од Сант Анџело деи Ломбарди-Италија како и од Ремиремонт-Франција и им посака со себе да понесат убави искуства од Битола. Пред присутните беше изнесена куса презентација за градот, а делегацијата беше примена и во кабинетот на градоначалничката.
Проектот се реализира во рамките на прогрмата Ерасмус плус, која е водечка програма на Европската Комисија, фокусирана на образованието, обуката, младите и спортот.
Главна цел на овој проект е учениците да научат што е одржливост и што значи да се биде активен граѓанин. Практично ќе извршуваат активности кои ќе ги научат како да живеат одржлив живот и да станат активни граѓани во нивните локални заедници. Тие ќе се запознаат и со културното наследство на секоја земја и на тој начин да дознаат што имаат заедничко.Во рамките на оваа активност во Битола од 10-17 ноември, учениците заеднички ќе работат на запознавање и споредување на иновативние идеи за одржлив социјален развој.