Деновиве масовно се чисти каналската мрежа во Пелагонискиот дел на Општина Битола, во околината на селото Логоварди, со средства од општината во висина од 205.000 денари.
Градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска, го посети селото и изврши увид во масовното чистење на каналите на терен. Петровска посочи дека руралниот дел од Пелагонија постојано ја има поддршката од Општина Битола. Чистењето на одводните канали и натаму континуирано се реализира, а на терен зафатот е во должина од 2,5 километри.
Жителите на селото Логоварди истакнаа дека во изминатите две години, постојаното чистење на каналската мрежа за нив е од големо значење, затоа што е намалено поплавувањето на нивите, засадени со земјоделски производи.
Тие исто така, ја запознаа градоначалничката со активностите кои веќе се реализирани во селото, како што е поставувањето на ново улично осветлување во одредени делови, а истовремено побараа помош за обнова на месната заедница и тампонирање на улиците.