КАРАВАНОТ ЗА ДЕТСТВО БЕЗ ПРЕЧКИ – ДЕНЕС ВО БИТОЛА

КАРАВАНОТ ЗА ДЕТСТВО БЕЗ ПРЕЧКИ – ДЕНЕС ВО БИТОЛА

Во организација на филмскиот фестивал „Караван за детство без пречки“ на Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, а во партнерство со Скопје филм фестивал и со поддршка од Општина Битола, денес во Центарот за култура во Битола се одржа еднодневен настан со филмска програма на оваа тема. За време на настанот низ анимирани и играни кратки филмови за деца од 9 до 13 години, наменети за промоција на инклузија на децата со попреченост, присутните имаа можност да погледнат различни ситуации кои можат да бидат дел од секојдневниот живот, особено на најмладите, а кои треба да претставуваат патоказ за нивното однесување и делување во процесот на игра, учење, дружење, социјализација. „Да се надминат предрасудите со кои децата со попреченост се соочуваат. Да се согледаат квалитетите и потенцијалите кои овие деца ги поседуваат и да се даде поттик во нивниот напредок. Заедничката работа и прифаќање, носат и заеднички успех и големи резултати“, ова меѓудругото беше посочено од децата кои секојдневно успешно ги надминуваат животните предизвици со кои се соочуваат, како лица со попреченост и на тој начин се квалитетни ученици, студенти, работници, а својот ентузијазам го вложуваат и изразуваат и во активностите со кои го исполнуваат слободното време. Градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска која присуствуваше на денешниот настан изрази голема поддршка на ваквите активности кои имаат значајна едукативна вредност. На денешниот настан присуствуваа и професори и педагози, како и ученици од неколку основни училишта од општината. „Караванот за детство без пречки“ има за цел да придонесе кон промоција на позитивната слика за капацитетите на децата со попреченост и афирмација на ставот дека тие се наши сограѓани кои можат рамноправно да учествуваат во сите сегменти од животот.

SONY DSC