Реализацијата на капиталните проекти на општина Битола, предвидени за 2023 година, се одвива со одлично темпо. Во однос на податоците кои што се однесуваат на вториот квартал од оваа година, до 30 јуни се реализирани 29.18% од капиталните расходи, или 111.325.057,00 денари.
Најголем дел од овие средства, во износ од 50.744.637,00 денари, се исплатени за изградба и реконструкција на улици и патишта. Тука влегува изградбата на коловоз на ул. „Крушевска Република“, ул. „Стара Чешма“, ул.„16-та“, реконструкција на коловозот на улиците „7-ми јули“, „Наум Наумовски Борче“, „Довлеџик“, „Македонска фаланга“, локалниот пат до с. Брусник, санација на коловоз со потпорен ѕид во Девеани, стабилизација на банкини со камена коцка на коловоз во с.Трново, девијација на мост на реката Драгор, реконструкција на коловоз на Бул.1-ви мај и др.
Исто така, во голема мерка се работеше на изградба и реконструкција на други објекти, односно изградба на детски парк и поставување на урбана опрема, стадионот под Тумбе кафе, санации на училишта, спортски игралишта, месни заедници, партерното уредување околу Офицерскиот дом и други тековни активности, за кои се исплатени 39.052.529,00 денари.
Паралелно во Одделението за економски развој се подготвуваат проекти за улици и патишта, а до овој квартал вредноста е 2.577.569,00 денари. Во реализацијата на буџетот се вклучени и средства за Изградба и реконструкција на атмосферска и фекална канализација во вредност од 7.481.069,00 денари, Изградба и реконструкција на капацитети за водоснабдување 3.631.739,00 денари, Изградба и реконструкција на капацитети за енергетика 4.824.363,00 денари, Надзор над изградбата 1.270.204,00 денари итн.
Во завршна фаза на реализацијата на еден многу значаен проект за жителите на населбата Недопирливи, каде што се изврши комплетна промена на водоводната и канализационата мрежа, по што следи асфалтирање и поставување на улично осветлување. Во тек е реконструкција на паркинг просторот кај Спорската сала „Боро Чурлевски“ и комплетно реновирање на соблекувалните, за достојна презентација на нашиот ракометен претставник Еурофарм Пелистер во Лигата на шампиони. Пред фаза на асфалтирање е мостот кај Довлеџик, а се работи и на Кружниот тек кај Ветеринарната станица. За новата зграда на Територијалната противпожарната единица се чека одобрување на основниот проект за градба, а во рамките на изработката на Генералниот урбанистички план, во моментов се изработуваат 8 студии.
Пред отпочнување на изградба е колекторскиот систем и пречистителна станица во Националниот парк Пелистер, во вредност од 15.000.000 денари, проект кој се реализира во партнерство со Пелагонискиот плански регион.
Во завршна фаза е дигитализацијата на услугите како приоритет кон граѓаните, со кој се овозможува значително олеснување на услугите и дополнителни можности за поголема ефективност и ефикасност на општинската администрација, преку систем за управување со документација (ДМС), геоинформациски систем (ГИС) и можност за електронско плаќање на услугите кои ги дава општината.
Транспарентноста и отчетноста на оваа локална самоуправа се потврдува и со постојаното известување на јавноста за тоа каде и колку се трошат средствата на граѓаните. Капиталните инвестиции се една од најважните ставки во општинскиот буџет со суштинска важност за локалното население на територијата на целата општина.
Во следната табела е даден пресек на реализацијата на буџетот во вториот квартал од 2018 година наваму, со што може да се види текот на истиот во изминатите 6 години. Последните 2 години, односно од периодот на работа на градоначалникот Тони Коњановски, видлива е зголемената реализација и на приходите и на расходите, што е јасен показател за посветеноста во работењето на оваа локална самоуправа во насока на реализација на капиталните објекти.
Во вториот квартал од 2023 година, финансиската состојба на општина Битола е стабилна и подготвена за натамошна реализација на сите изведени проекти. Наплатата на ситуациите и по завршувањето на вториот квартал, се реализира според предвидената динамика.
Вкупна реализација на приходи за втор квартал | Вкупна реализација на расходи за втор квартал | Реализација на капитални расходи за втор квартал | |
2018 | 31,25% | 26,75% | 21,86% |
2019 | 53,82% | 32,69% | 6,82% |
2020 | 26,68% | 22,42% | 14,85% |
2021 | 26,05% | 26,05% | 20,05% |
2022 | 46,15% | 46,15% | 41,02% |
2023 | 45,66% | 42,86% | 29,18% |