„КАКО ДО ПОГОЛЕМА ВКЛУЧЕНОСТ НА МЛАДИТЕ ВО ОДЛУЧУВАЊЕТО НА ЛОКАЛНАТА САМОУПРАВА?“

„КАКО ДО ПОГОЛЕМА ВКЛУЧЕНОСТ НА МЛАДИТЕ ВО ОДЛУЧУВАЊЕТО НА ЛОКАЛНАТА САМОУПРАВА?“

Во рамките на проектот „Зајакнување на улогата на младите во Општина Битола“ спроведуван од страна на Општина Битола во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и финансиран од Фондот за мир на Обединетите нации, се одржа завршен настан на кој беше промовиран Прирачникот за млади „Како до поголема вклученост на младите во одлучувањето на локалната самоуправа“, а беа презентирани и три младински иницијативи. Темите кои ги опфаќаат иницијативите се однесуваат на иницијатива/проект за заштита на животната средина, иницијатива за надворешен простор за поголемо дружење и спортување на младите како и иницијатива за поголема социјална вклученост на децата со попреченост. Ваквата младинска ангажираност ја поздрави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, нагласувајќи дека општината ќе продолжи да работи заедно со младите:

„Вклучувањето на младите во процесите на креирање политики и донесување одлуки е посебно значајно за нас како локална самоуправа, за да можеме да создаваме услови кои најмногу ќе соодветствуваат на потребите на младите. Затоа, ваквите проекти во кои има младинска вклученост, како проектот „Зајакнување на улогата на младите во општина Битола“ се од особено значење за младинска ангажираност и иницијативност. Токму на ваквиот начин се изразува нашата соработка како носители на одлуки со младите кои треба да ја градат иднината. Тоа се однесува на конструктивност на идеи од различни области, но и како во овој случај превeнирање на разни облици кои може да бидат поттик на насилство, говор на омраза и други деструктивни форми.

Мојата цел е токму преку општинскиот буџет, да се издвојат доволно средства кои ќе ги поддржат и поттикнат  младите да бидат активни и да создаваат, за понатаму да можеме заеднички успешно да ги развиваме нашите проекти и со поддршка од меѓународни фондови“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, во своето обраќање до присутните.

Гордана Цветковска Бошевска, службеник за млади во Општина Битола и проектен координатор, истакна дека, основната цел на проектот беше градење институционален потенцијал за одржлива средина во која младите ќе можат да го развиваат својот личен потенцијал во целост.

„Дополнително, во рамките на проектот беше изработено истражување за потребите на младите во Општина Битола, преку 8 работилници и 4 обуки се обучија над 200 млади за говор на омраза, социјална инклузија и кохезија како и важноста на нивната борба против него, беа поттикнувани младите за преземање на инцијативи и организирање на активности во локалната самоуправа поврзани со нивно вклучување при донесување на одлуки и учеа за лобирање во Општина Битола и Советот на општината и како до поднесување предлог иницијативи од нивна страна.

Со големо задоволство можеме да кажеме дека денес со присуството на донесувачите на одлуки на оваа Тркалезна маса – Градоначалникот како и членовите од Советот на Општина Битола заедно со младите од општината го допревме највисокото скалило согласно степените на кои младите можат да бидат вклучени и да учествуваат во локалната самоуправа : Споделено донесување на одлуки односно Проекти или идеи иницирани од страна на млади луѓе, кои ги поттикнуваат возрасните да учествуваат во процесот на донесување одлуки како партнери“, рече Гордана Цветковска Бошевска.

 

Проектот „Зајакнување на улогата на младите во Општина Битола“ имаше за цел младите да преземаат свои инцијативи, да ги надминуваат проблемите поврзани со говорот на омраза и деструктивни наративи кои произлегуваат од врсничкото насилство, како и подлабоко разбирање на младинското учество и поднесување предлози од страна на младите до локалната самоуправа за нивна поголема вклученост при донесување на одлуки.