ИНВЕСТИЦИЈА ОД 20 МИЛИОНИ ЕВРА НА ЗК ПЕЛАГОНИЈА

ИНВЕСТИЦИЈА ОД 20 МИЛИОНИ ЕВРА НА ЗК ПЕЛАГОНИЈА

Земјоделскиот комбинат Пелагонија АД Битола денеска во селото Новаци кај Битола свечено пушти во употреба два големи капацитети, првата биогасна централа со капацитет од 3 мегавати на час во Македонија и современа фарма наменета за 2000 молзни крави. Станува збор за вкупна инивестиција од околу 20 милиони евра.

Биогасната централа нуди најсовремено еколошко решение за справување со арското ѓубриво од фармата, со чија преработка и заедничко ферментирање со фуражната пченка се добива биогас од кој се произведуваат по 3 мегавати струја на час. Ова е прв ваков капацитет во земјава способен да произведе толкаво количество „зелена“ енергија. Во изградбата на биогасната централа ЗК Пелагонија инвестираше 10,5 милиони евра.

„Изградбата на биогасни централи претставува најсовремено еколошко решение во развиените земји во светот за справување со арското ѓубриво од фармите. Ние воопшто не заостануваме зад тој светски тренд. Напротив, можеме да се пофалиме дека сме една од најголемите фирми во Европа кои се занимаваат со производство на „зелена“ енергија, односно струја произведена од биогас“, изјави Драган Китановски, директор на ДООЕЛ „Пелагонија –Енерџи“.

Дизјнерските и проектантските решенија, технологијата и опремата што се употребува за производство на метан се набавени од реномираната компанија „Рота Гвидо“ од Италија, додека опремата за производство е од „Џенерал Електрикс“, најпознатиот бренд за производство на генераторски агрегати од САД.

„Ова е еден систем кој што го гледавме во многу понапредните земји и се обидовме да го понудиме на нашите луѓе кој што се одлучија да инвестираат. Сите пофалби до инвеститорите, сопствениците на ЗК Пелагонија и сите вклучени субјекти во овој голем систем, кој што значи систем на обновлива енергија. И покрај најавените инвестиции од Турција и Италија, знаете ли зошто ова за нас е најубаво? Затоа што е домашна инвестиција, внимава на екологијата и начинот и квалитетот на производство. Наше, а светско. Одличната соработка, помеѓу Владата на Република Македонија, Општина Битола и стопанствениците секогаш дава исклучителни резултати“, рече градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески на денешната свеченост, честитајќи им на инвеститорите и охрабрувајќи ги и другите стопанственици за нови инвестиции во општина Битола.

Освен биогасната централа во Новаци, ЗК Пелагонија инвестира и во втор капацитет кај фармата во селото Породин. Со тоа ќе се заокружи вкупното производство на 6 мегавати електрична енергија на час, инвестицијавредна 20,5 милиони евра во првата фаза. Во втората фаза планирана е изградба на стакленици за двете централи на површина од 10 хектари, за да може целосно да се искористи топлината која се добива од ладење на генераторите. Притоа, ќе се обезбеди целосна еколошка заштита на земјоделските површини и на околината.

Паралелно со инвестицијата во биогасна централа, ЗК Пелагонија вложи и во изградба на современи штали во Новаци со капацитет од 3000 животни од кои 2000 се молзни крави, а остатокот помлади категории. Притоа, современата фарма доби нов телчарник и ново молзилиштеротолактор со капацитет од 300 крави на час, а реновирано е и старото Делавал молзилиште.

Комбинатот набави нови молзни крави и јуници и воспостави комплетно нов современ систем за ѓубрење кој арското ѓубре од шталите и молзилиштето директно го носи во биогасната централа. ЗК Пелагонија во изградбата и модернизацијата на фармата инвестираше 9,78 милиони евра.

„Секоја година внесуваме новини во сточарската технологија, а последните неколку години имаме значајни вложувања во делот на реконструкција и изградба на сточарските капацитети. Со последната голема инвестиција од речиси 10 милиони евра во капацитетот во Новаци добивме најсовремена фарма која што може рамноправно да се носи со најразвиените во Европа. Континуираното вложување во технологијата и капацитетите придонесува ЗК Пелагонија да ја задржи својата позиција на најголем производител на храна во земјава, но и постепено да ги освојува и пазарите во регионот“, изјави Томе Давков, директор на ЗК Пелагонија.

За целосна функционалност на овој комплекс потребно е да се обезбеди доволно силажа за храна на кравите, која исто така е и влезна суровина во биогасната централа. За оваа цел, ЗК Пелагонија во последните три години вложи повеќе од 7,6 милиони евра за набавка на трактори, комбајни и силажни комбајни од брендот „Џон Дир“, како и соодветна приклучна механизација за модернизирање на производството.InvesticijaZKPelagonija2016-5 InvesticijaZKPelagonija2016-4 InvesticijaZKPelagonija2016-3 InvesticijaZKPelagonija2016-2 InvesticijaZKPelagonija2016-1