ИЗГОТВЕН ПЕТГОДИШЕН ПЛАН ЗА КВАЛИТЕТ НА АМБИЕНТНИОТ ВОЗДУХ ВО БИТОЛА

ИЗГОТВЕН ПЕТГОДИШЕН ПЛАН ЗА КВАЛИТЕТ НА АМБИЕНТНИОТ ВОЗДУХ ВО БИТОЛА

Општина Битола, доби нов петгодишен план за квалитет на амбиентниот воздух, кој треба да го олесни понатамошниот процес на работа на оваа проблематика, со спроведување на конкретни мерки и постапки кои ќе ја намалат загаденоста и ќе ја подобрат состојбата со животната средина. Планот кој беше образложен на денешната презентација е изработен во рамките на проектот „Развивање и имплементација на здравствен индекс во прекуграничниот регион“, спроведуван од Центар за климатски промени и Министерство за животна средина и просторно планирање. Во денешното обраќање, градоначалникот Коњановски, ја потенцира подготвеноста на општината за понатамошна имплементација на низа мерки, меѓу кои и тие кои се дел од програмата за животна средина. Годинава, буџетот за оваа програма е двојно поголем од минатогодишниот и изнесува 9.500.000 денари.

„Сакам да изразам посебна благодарност до сите Вас кои активно бевте вклучени во изготвувањето на петгодишниот План за квалитет на амбиентниот воздух за Битола, кој верувам дека ќе биде од големо значење за општината, а посебно ќе даде придонес во работењето на одделението кое ја третира проблематиката поврзана со заштитата на животната средина.

Општина Битола, како пилот општина вклучена во овој проект, очекувам дека ќе може да имплементира многу од добиените насоки, препораки и заклучоци содржани во планот, при изработката на локалниот еколошки акционен план, зелениот катастар и другите стратешки документи кое се непходни за ефикасно делување на локалната самоуправа во делот на справувањето со штетните последици од различни загадувачи.

Низата мерки кои ги предвидовме и во годишната програма на општината, исто така очекувам да дадат позитивен ефект како врз намалувањето на емисијата на штетни гасови во воздухот, така и врз подигнувањето на јавната свест. Во овој контекст, планираме повеќе видови на поддршка, како:

  • Субвенции за набавка на велосипеди
  • Субвенционирање на колективни згради за поставување на енергетски ефикасни фасади и уредување на дворни места
  • Субвенции за чистење на оџаците,

како и други проекти кои од една страна вклучуваат енергетска ефикасност, но истовремено влијаат и на квалитетот на воздухот.

Ви посакувам успешна работа и очекувам понатамошна добра соработка помеѓу општината и министерството. Како општина остануваме отворени и достапни за реализација на нови проекти во понатамошниот период, кои верувам ќе донесат добри резултати за целата општина и тоа не само за аспектите кои го третираат проблемот на загаденост на воздухот, туку и во делот кој се однесува и на заштита на водите и почвата“, рече меѓудругото градоначалникот Тони Коњановски на денешната презентација.