Градоначалникопт на општина Битола, Тони Коњановски, денес го посети средното економско училиште „Јане Сандански“, каде разговараше со директорката Биљана Јанкуловска за реализираните инвестиции во училиштето во текот на оваа година, како и за подготовките пред почетокот на новата учебна година.
Од страна на директорката и вработените на средбата беше истакнато дека во училиштето постојано расте стремежот да се модернизира образовниот процес и амбиент за работа, така што реализирани се повеќе активности за подобрување на условите. Направено е надворешно реновирање и внатрешно уредување на училници и канцеларии со нов и модерен мебел.
Во новоопремените училници, со нови столчиња, клупи, табли, венецијан ролетни и подиуми за катедри, учениците и наставниците ќе добијат инспиративен простор за учење и работа, модерен амбиент во кој не само што ќе се учи, туку и ќе се создаваат многубројни средношколски пријателства и спомени.
Функционално и модерно се опремени и канцелариите во училиштето со нов ламинат, конгрес столици, фотељи, како и модерни венецијан ролетни. Модерниот, функционален и инспиративен работен амбиент е важен, како за учениците и наставниците, така и за административните работници, па покрај наставничката канцеларија, опремени се и нивните канцеларии, а во тек е и набавка на клима уреди.
Секако, не се заборавени и училишните ходници, кои се неизоставен дел од секојдневието на учениците, особено за време на училишните одмори, па така, извршена е нивна санација, а во тек е и поставувањето на нова, софистицирана огласна табла. Исто така, комплетно се реноворани ходниците и училниците во подрумскиот дел.
Новиот мебел и целиот внатрешен амбиент на училиштето го добија вистинскиот сјај и завршен ефект по комплетното бојадисување на ѕидовите во нова, друга боја.
Поставени се и нови рефлектори на училиштето и спортската сала, како и бекатон плочки од влезот на училиштето до спортската сала.
Директорката на училиштето, Биљана Јанкуловска изјави:
,,Како директор, должност ми е да се грижам за училиштето, учениците и вработените. Учениците ќе учат во значително подобри услови за настава. Целта и мисијата на економското училиште за создавање на подобри услови на образовниот процес и топла работната клима не застанува тука. Училиштето е втор дом за учениците и вработените, па неуморно продолжуваме да го надоградуваме со нови зафати, работа, учење и секако-многу љубов”, истакна Јанкуловска.
Градоначалникот Коњановски истакна дека, ваквите вложувања во воспитно образовните објекти се многу значајни, затоа што на тој начин се создаваат подобри услови за успешно одвивање на наставниот процес.