Советот за волонтерство на општина Битола, ја додели наградата за волонтерски ангажман во локалната заедница за 2023 година, по повод 5 декември – Меѓународниот ден на волонтерите,
Добитници на наградата оваа година според категориите се: за волонтерска организација – Хуманитарната организација ,,Свети Спас”, за волонтер поединец – Леонардо Сомолов и за волонтерска програма – Локален волонтерски сервис Битола
Наградите ги додели заменик градоначалникот на општина Битолa Бојан Бојковски, кој им посака уште многу успешни волонтерски активности во наредниот период, при тоа заблагодарувајќи им се за нивните досегашни дејствувања. Тој истакна дека општината секогаш е тука во однос на поддршката која што треба да ја добијат волонтерите во нивните активности.
Во прилог, детално образложение за добитниците на наградата:
Волонтерска организација: Хуманитарната организација ,,Свети Спас” се истакнува како пример на волонтерство и хуманост во нашата заедница. Под нивната грижа, голем број на социјално загрозени семејства добиваат неопходна помош, храна и поддршка во цела Република, а во Битола моментално се грижат за повеќе од 20 семејства. Во дополнение, нивната активна улога во обновувањето на домовите на овие семејства има значаен придонес за подобрување на квалитетот на живот како последниот проект во с. Барешани каде се гради и обновува куќа на семејство.
Оваа организација, во Битола ја предводат Владо Јошевски и Зоран Јосифовски, а со несебичната поддршка и водство на отец Оливер, континуирано и со посвета работи за заедницата и семејства во Битола.
Волонтер поединец: Леонардо Сомолов – волонтер за заштита на животните и животната средина. Леонардо се бори за правата на животните во Општина Битола и секојдневно спасува бездомни животни на кои им е потребна помош и кои се во загрозена животна состојба. Леонардо е пример за неговите врсници како може да се искористи слободното време ефективно и да се даде личен придонес во подобрување на условите за живот во локалната зедница преку волонтирање.
Волонтерска програма: Локален волонтерски сервис Битола. Програмата претставува организиран облик на општествена партиципација којшто вклучува млади луѓе од Битола на возраст од 16 до 29 години. Во имплементацијата на програмата беа вклучени вкупно над 200 волонтери. Идејата за формирање на ваков сервис е да се стимулираат волонтерски активности и да се зголеми бројот на млади кои ќе се вклучат во доброволна работа во локалната заедница, во текот на целата година.
Во текот на 2023 беа реализирани 5 волонтерски акции и тоа Омразата на битолските ѕидови – уметничка интервенција со цртање на мурали за покривање на говор на омраза, кампања против врсничко насилство, промоција на зелена урбана мобилност за користење на велосипеди (поставување на 8 паркиралишта за велосипеди) и донација на велосипеди, волонтерски акции за чистење и за рециклирање во околината на Битола (Смолево и Тумбе кафе).
Младински културен центар – Битола во партнерство со СФЕРА Интернешанал ја имплементираа иницијативата „Локален волонтерски сервис Битола“ во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Проектот „Локален волонтерски сервис Битола“ е кофинансиран од Општина Битола
Целта на доделувањето на оваа награда е да се поттикне и промовира волонтерството во Битола, да се зголеми видливоста на волонтерите и позитивните волонтерски практики и да инспирира понатамошно унапредување и развој на волонтерството на локално ниво. Наградата е од големо значење за признавање на граѓанскиот ангажман во подобрување на животот во локалната заедница.