ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА ЗГРИЖУВАЧКИ СЕМЕЈСТВА ВО БИТОЛА

ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА ЗГРИЖУВАЧКИ СЕМЕЈСТВА ВО БИТОЛА

Како резултат на активностите на Центарот за поддршка на згрижувачки семејства – Битола за промоција и популаризирање на згрижувањето, вклучувајќи ја и минатогодишната кампања „Подај рака и промени живот – Стани згрижувач!“ бројот на згрижувачки семејства во регионот е зголемен, а во Битола истиот е дуплиран – од 3 на 6.
Претставниците на згрижувачките семејства, имаа средба со градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, со кој разговараа за моменталните потреби и предизвици со кои се соочуваат децата кои се сместени во згрижувачки семејства, меѓу кои потребата за образовни асистенти за деца кои се соочуваат со одредена попреченост, како и овозможување дом за лицата по излегувањето од згриживачките семејства.
Градоначалникот Коњановски, нагласи дека, локалната самоуправа е отворена за соработка и во рамките на својата надлежност, настојува да излезе во пресрет на барањата и на овие граѓани.
Згрижувањето во семејство опфаќа основна заштита и 24 часовна грижа за деца и возрасни лица кои немаат свое семејство или немаат услови за живот во сопственото семејство.
Згрижувањето може да се обезбеди како општо, специјализирано, роднинско, интервентно или повремено згрижување.
Сместувањето на децата во згрижувачко семејство е најсоодветен облик на заштита на децата бидејќи се овозможува нивен правилен психо-социјален развој во услови најблиски до биолошкото семејство.
Овој облик на заштита на децата, постои долг временски период во државата и постојано се развива и унапредува.
Постапката за станување на згрижувачко семејство започнува со поднесување на Барање до месно надлежниот центар за социјална работа во општината во која живее идниот згрижувач каде се приложува законски пропишаната документација.
За сите информации во врска со згрижувањето, сите заинтересирани лица може да ја посетат веб страната zgrizuvanje.gov.mk или да се јават на телефонскиот број 02 15 133, или директно да го контактираат Центар за поддршка на згрижувачки семејства Битола преку електронската адреса zgrizuvacki.bitola@mtsp.gov, или преку телефонскиот број 071 291 453.