Во рамките на активностите во септември, месецот на Индустриска сопственост, во салата на Советот на Општина Битола беше одржана средба на битолските стопанственици и дел од претставниците на бизнис секторот, со претставници од Државниот завод за индустриска сопственост на Република Македонија, на која се разговараше за придобивките од заштита на производите.
Присутните ги поздрави градоначалникот на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, која истакна дека Општина Битола секогаш ги поддржува настаните од ваков вид, чија цел е да ги запознаат стопанствениците и претставниците од бизнис секторот со нивните можности за поголема конкурентност на пазарот, како и за заштита на сопствениот производ.
За надлежностите на Државниот завод за индустриска сопственост и постапката за заштита на патент говореше Али Асани, државен советник за индустриска сопственост, кој објасни дека патентот е ексклузивно право доделено од државата за пронајдок кој е нов, кој содржи инвентивен придонес и кој може да се применува во индустријата, како и придобивките од патентирањето на производот.
Симчо Симјановски, раководител на секторот за ТМ (трговска марка), ИД (индустриски дизајн) и ГН (географски назив) ја образложи постапката за заштита на Трговска марка, Индустриски дизајн и Географски назив.
Битолските стопанственици кои во голем број присуствуваа на оваа средба со претставниците на Државниот завод за индустриска сопственост, поставуваа и конкретни прашања од областа на заштитата на нивните производи.