ЗАПОЧНА 53 ИЗДАНИЕ НА ФЕСТИВАЛОТ „ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ“

ЗАПОЧНА 53 ИЗДАНИЕ НА ФЕСТИВАЛОТ „ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ“

Битола започна да живее во ритамот на фолклорот од целиот свет. Со традиционалното дефиле „Со песни и игри низ битолските улици”, кое години наназад ја привлекува битолската публика да ги следи учесниците по Широк сокак, како и со изведбата на неизбежното оро „Комитско“ од страна на членовите на КУД „Илинден“ од Битола, започна 53 издание на Интернационалниот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“.

Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, посакувајќи им топло добредојде на учесниците, истакна дека и за ова фестивалско издание долго ќе се раскажува.

„Убавината на еден град е во неговата моќ, низ најголемите вредности од минатото, да ја претстави историјата и низ песна, музика, игра и уметност да ја заживее сегашноста. Битола, по 53-ти пат, претставувајќи ја традицијата, ги оживува мелодиите на годините кое останале зад нас, вклопени во потребите на новото време, кое значи инвентивност, но и неопходност да се сочува печатот на културите од овие простори.

Меѓусебното споделување, секогаш значи и себепромоција, но и учење за вредностите на другите народи, меѓусебно подобро разбирање и почитување.

Само преку промоција и поттикнување на културниот развој, можеме достојно да го сочуваме споменот и да дадеме пример за младите генерации – нашите идни промотори.

Овогодишниот „Отворен круг“ на Републичкиот фестивал на народни игри и песни, продолжува да биде инспирација за творештво, собирајќи ги на едно место домашните ансамбли, но и боите и ритмите на 8 земји од светот“, посочи Коњановски.

Центарот за култура е носител на оваа култна манифестација за македонската култура. Директорката на оваа културна установа Маја Андоновска Илијевски рече дека фестивалот ги инспирира младите генерации да продолжат да творат и да покажат интерес за фолклорот како едно од нашите главни обележја.

До 31 јули, градот ќе наликува на една голема сцена, со 65 настани на различни локации. На фестивалот „Илинденски денови” ќе настапат фолклорни ансамбли од Хрватска, Ирска, Италија, Мексико, Чиле, Грузија, Бугарија, Србија и од речиси сите градови од Македонија.

Фестивалот „Илинденски денови“, кој е дел од програмата на Битолското културно лето Битфест, 15-то по ред и годинава ја отсликува заложбата на локалната самоуправа, да даде поддршка на вистинските културно уметнички карактеристики.