ЗАПОЧНА 15 ИЗДАНИЕ НА БИТОЛСКОТО КУЛТУРНО ЛЕТО БИТ ФЕСТ

ЗАПОЧНА 15 ИЗДАНИЕ НА БИТОЛСКОТО КУЛТУРНО ЛЕТО БИТ ФЕСТ

Со спектакуларниот настан „Вива Верди“, на кој настапи Камерниот оркестар на Битола, со над 130 изведувачи, синоќа во античкиот локалитет Хераклеја, свечено беше отворено 15 издание на битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“. Многубројната публика, имаше можност да ужива во прекрасната изведба на симфониски оркестар, хор и оперски солисти, кои ги изведоа најубавите извадоци од најпопуларните опери на Џузепе Верди, како: Травијата, Аида, Моќ на судбината, Набуко, Риголето и други. Како солисти на концертот се претставија: Горан Начевски, Наде Талевска, Кристијан Антовски, Марија Наумовска, Нико Ѓоргиевски и прекрасниот сопран – Зана Абази Рамадани.

Официјалниот почеток на фестивалот го означи градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој во своето обраќање пред публиката, потенцира дека годинава БИТ ФЕСТ е во духот на традицијата и промоција на културните вредности.

„Битола е град кој има посебна должност да ги чува, заштитува и промовира културните вредности, кои се наше најголемо богатство, но и можност за зајакнување на меѓународните врски и пријателства, со значајни културни и економски придобивки за напредок на градот.

Токму затоа, како локална самоуправа, ставаме посебен акцент на заживување на културните простори, преку поддршка на домашните уметници и промоција на македонската култура и традиција.

Организацијата на битолското културно лето е токму една голема потврда за повеќедеценискиот континуитет на надградување и промоција на пишаниот збор, театарската, музичко – сценската изведба, па се до новите уметности и современите форми на културно изразување.

Оваа година, преку воведената можност за избор на граѓаните на содржини кои ценат дека треба да бидат дел од програмскиот концепт на општината, како и можноста културните уметници да го понудат најдоброто од својата работа, добивме насоки, во кои општината треба да продолжи да дејствува со своите програми, градејќи една цврста културна политика, за сите свои граѓани. На ваквиот пат, поддршката од сите соработници е особено значајна, зошто само така културата ги победува сите предизвици.

Годинешното културно лето, вклучува токму содржини кои имаат обединувачки концепт на сите традиционални манифестации, како и настани, кои произлегуваат од долгогодишна соработка на општина Битола со градови од други земји.

За отвореноста за соработка, сакам да изразам голема благодарност до Културно информативниот центар, како и до Националните институции од културата: Центарот за култура, Народниот театар и Завод и музеј, каде ќе се реализираат културните настани на Битолското културно лето.

Битола Шекспир Фестивал, Битола отворен град, Илинденски денови, Локум фест, Незаборав, Битолино, ликовни изложби и литературни настани се главно содржините на 15 издание на БИТ ФЕСТ, кое ова лето ќе биде дел од културното живеење на градот.

Започнува 15 то издание на БИТ ФЕСТ“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, во своето обраќање пред публиката.

15 години од Битолското културно лето БИТ ФЕСТ, се само еден дел од речиси петдецениската фестивалска традиција на Битола, која независно кој назив го носела низ времето, била голем културен промотор на градот.

И оваа година, продолжува тенденцијата на локалната самоуправа: да се даде можност на квалитетот, да се поттикне уметничкиот израз и да се привлечат гостите за туристичка промоција и економско јакнење на Битола. Новиот концепт на БИТ ФЕСТ, продолжува да се движи во насока на квалитативно надградување, годинава и преку поголемо вмрежување на културните институции, кои во следните два и пол месеци, ќе бидат места за повеќе театарски претстави, филмски проекци, музичко – сценски изведби, ликовни изложби и други културни случувања.