Во организација на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“, со поддршка од општина Битола, денес започна 11 меѓународна манифестација „Битолски книжевни паметења“. После едногодишна пауза, оваа манифестација, повторно на едно место собра учесници од 17 земји од светот, поети, писатели, критичари и нивните трудови. Официјалниот почеток на манифестацијата го означи градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, а свое обраќање имаа и претседателката на „Битолскиот книжевен круг“, Елизабета Јончиќ и претседателот на Друштвото на писатели на Македонија, професор д-р Христо Петрески. Годинава, „Битолски книжевни паметења“, вклучува тридневна програма исполнета со книжевно претставување и наградување, а дополнително е збогатена и со музички колаж, ликовна изложба и промоција на културно – историското наследство на градот.
„11 години, да се негува творештвото, да се вреднуваат лицата кои творат проза, поезија, кои перото го користат за критика, осврт, знаење, кои создаваат книги, списанија, литературни изданија е временска рамка во која негувајќи го македонскиот јазик, го негуваме нашето битие.
Деновиве, преку манифестацијата „Битолски книжевни паметења“ писатели од Битола, од Македонија, странски автори кои творат на македонски јазик, но и претставници од целиот свет, заедно ќе говорат преку мислата ставена на хартија, а дел од нив ќе бидат наградени за своите создадени дела. Значењето на оваа манифестација, е уште поголемо од аспект на културно – туристичка промоција на големото природно и историско наследство кое што го поседува Битола.
Ме радува фактот што учесниците на Битолските книжевни паметења, кои ги организира Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“, заеднички ќе ги посетат и ќе ги запаметат битолските културно-историски вредности, ќе се запознаат со убавините на Пелистер и ќе прошетаат по историската патека од Првата светска војна.
Верувам дека со оваа прошетка, Битола како вечна инспирација, повторно ќе го поттикне создавањето на нови дела.
Општина Битола, и јас како градоначалник, со поддршката на оваа манифестација, продолжуваме со реализација на активности кои се дел од нашата заложба за соодветно вреднување на македонскиот литературен јазик и за зачувување на секое испишано дело, затоа што јазикот и пишаниот збор се дел од нашиот идентитет, нашата култура и нашето минато, а секако тие се основа и за градење на нашата иднина“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
Пред почетокот на манифестацијата, градоначалникот Коњановски, имаше прием на организаторите и дел од учесниците на „Битолски книжевни паметења во општина Битола, каде меѓу другото беа претставени и наградените ракописи за годишните награди „Книжевен круг“.